Резиме
Тарик, 19-годишен Палестинец, го напуштил својот дом во Јармук Камп, во близина на главниот град на Сирија, Дамаск, откако неговиот татко бил киднапиран во 2013 година: „Заминав за да избегам од војната, но и од страв дека ќе бидам киднапиран, како што се случи со членовите на моето семејство, вклучително и со мојот татко. Јас се плашев и од војската. Ситуацијата на Палестинците е особено тешка... Јармук Камп е под опсада. Нема храната, нема ништо“.
Тарик го преминал Егејското Море од Турција во Грција и патувал кон Македонија со надеж дека ќе најде засолниште во северните земји на ЕУ. Веднаш по пристигнувањето во Македонија, полицијата го уапсила и го однела во Прифатниот центар за странци, притворски центар во Скопје, познат како Гази База според општината во која се наоѓа. Тарик бил притворен во Гази Баба два месеца, спиејќи на подот, во ходниците, без кревети или душеци, свиткан во ќебе. Во центарот имало само два тоалета за стотици притвореници. Тарик можел да се тушира само еднаш неделно, и тоа, само со ладна вода. Секој ден, во период од два месеца, Тарик добивал една мала конзерва туна, парче леб и понекогаш, кашкавал, што требало да му трае цел ден. Никој не му објаснил зошто е притворен или колку долго ќе остане таму. Не му било дозволено да се види со адвокат. Тој дури не можел да стапи во контакт и со своето семејство. Тарик искусил и посведочил незаслужено насилство од страна на полициските стражари во Гази Баба:
Нè тепаа. Ако те видат во ходникот навечер, ќе те истепаат. А ако прашаш за твојот случај, шефот ќе те истепа. Тој еднаш најде мобилен телефон кај еден човек. Почна варварски да го тепа, да го удира, да го клоца. Тоа беше брутално тепање, по што на човекот му прокрвави носот. И други го вршеа тепањето, ужасно беше. Тие многу често ги тепаат луѓето. Не е проблем самото тепање, туку понижувањето.
Тарик рече дека тој бил „целосно скршен“, ментално и емотивно, по двата месеца поминати во Гази Баба.
***
Мажи, жени и деца од земјите зафатени со конфликти, како што се Сирија, Сомалија и Авганистан, се соочиле со полициско насилство и нечовечки, деградирачки третман и произволен притвор во Македонија.
Речиси сите минале макотрпен пат, качувајќи се на пренатрупани пловни објекти за да го преминат Егејското Море или да го поминат копнениот граничен премин од Турција во Грција и да го продолжат патот кон северните земји од ЕУ преку Грција, Македонија и Србија. Тие обично стигнуваат во Македонија по неколку денови пешачење, често без доволно храна, вода или соодветна облека. Од јануари 2015 година, најмалку 26 лица биле усмртени од возови на железничките пруги во Македонија. Оние, кои биле уапсени од полицијата во Македонија, често се тепани со пендреци, удирани во стомак, клоцани и вербално навредувани. Тие се враќани по кратка постапка во Грција, во групи, при што дополнително се малтретирани или се носат директно во притвор, каде се држат во ужасни услови.
Овој извештај, кој се заснова на 64 длабински интервјуа со жртви и сведоци, ги документира насилствата што ги искусиле мигрантите и барателите на азил во Македонија, како клучна земја за транзит долж миграциската рута низ балканските земји и земја-кандидатка за членство во Европската унија (ЕУ).
Дваесет и седум интервјуирани лица, вклучувајќи и три деца, рекоа дека искусиле насилство од страна на македонските службеници на границата со Грција. Тие изјавија дека откако влегле на територијата на Македонија, биле уапсени, физички тепани и однесени во неофицијалните делови од границата каде им било наредено да се вратат назад во Грција. Во рамките на одделни, приватни интервјуа, девет лица изјавија дека полицијата и граничната полиција ги терала нив и други лица кои биле со нив, да трчаат еден по еден помеѓу два реда полицајци кои ги удирале со пендреци по грбот, рамената и главата.
До јули 2015 година, Македонија рутински и систематски ги притвораше мигрантите и барателите на азил, вклучително и деца и бремени жени, во притворскиот центар Гази Баба. По јули, поради промена на законот, кој се дискутира подолу во извештајот, бројот на притворени лица во центарот значително се намалил. Во времето кога е пишуван овој извештај, таму се задржани најмалку 5 мигранти. На 26 август 2015 година, Владата на РМ ја извести Human Rights Watch дека ќе продолжи да го користи центарот и во иднина. Во рамките на длабинските интервјуа, 30 поранешни притвореници ги опишаа злоставувањето од страна на стражарите, вклучително и физичкото и вербалното насилство, како и родово-базираното насилство врз притворените жени; нехуманите и деградирачките услови во притворот, вклучително и пренатрупаноста, недоволниот пристап до храна и вода за пиење и несанираните услови. Се чини дека условите во Гази Баба имале негативно влијание врз менталното и физичкото здравје на притворениците.
Иако Македонија го оправда притворот на мигрантите и барателите на азил како легитимна акција за утврдување на нивниот идентитет и за оневозможување тие да бидат шверцувани, во практиката, она што се случува претставува произволен притвор кој е забранет со меѓународното право. Продолжениот административен притвор, без оправдување или без можност за значајна ревизија, претставува прекршување на забраната за произволен притвор во член 9 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права и во член 5 од Европската конвенција за човекови права. Децата уживаат посебна заштита утврдена со закон: децата-мигранти не треба да бидат притворени само поради нивниот имигрантски статус, а кога се притворени, тоа мора да биде само во краен случај и за најкус можен период.
Според Frontex, Агенцијата за надворешната граница на ЕУ, во 2014 година биле забележани повеќе од 66.000 нерегуларни минувања на границите на петте земји од Западен Балкан: Албанија, Босна и Херцеговина, поранешна југословенска Република Македонија, Црна Гора и Србија, што претставува зголемување од 65 проценти споредено со 2013 година. Frontex, исто така, изјави дека во 2014 година имало значително зголемување на бројот на Сиријци и Авганистанци кои ја користат границата меѓу Грција и Македонија. Многу малку баратели на азил избираат да поднесат барање за азил во Македонија, а оние што поднеле барање често ја напуштаат земјата пред да биде донесена одлука за нивното барање. Некои од лицата кои ги интервјуираше Human Rights Watch рекоа дека сакале да поднесат барање за азил во некоја земја од ЕУ каде што имаат роднини или пријатели, додека други рекоа дека злоставувањето од полицијата ги одвратило од намерата да бараат азил во Македонија.
Македонија е земја-кандидатка за членство во ЕУ. Според Спогодбата за стабилизација и асоцијација, што претставува чекор кон пристапувањето во Унијата, од Македонија се очекува постепено да ги хармонизира своите закони со оние на ЕУ, вклучително и законите што се однесуваат на нејзиниот систем за азил и третман на миграните, во рамките на Поглавјето 24 од законодавството на ЕУ.
Досега, ЕУ нема заземено силен став во врска со проблематичниот третман на мигрантите и барателите на азил во Македонија. Извештајот за напредокот на Македонија во 2014 година ги повикува властите да ги подобрат своите заложби за борба против зголемената нерегуларна миграција, „особено на границите со Грција и со Србија, претставува главната транзит рута за нелегална миграција“, без да се признае дека голем дел од лицата кои ја минуваат македонската граница доаѓаат од Сирија. Во 2014 година, државјаните на Сирија имаат највисока стапка на одобрени барања за азил од сите националности кои бараат азил во ЕУ – 95 проценти. Освен тоа, Извештајот за напредокот идентификува недоволен капацитет на центарот во Гази Баба, но не ги критикува несанитарните услови и злоставувањето.
Кон средината на 2015 година, се чини дека македонските власти презедоа чекори за решавање на некои од насилствата документирани во овој извештај. Во јуни, националниот закон за азил беше изменет и дополнет за да им овозможи на поединците, кои ќе изјават „намера“ за поднесување барање за азил кај полицијата, да можат законски да останат во земјата во период од 72 часа, со цел да поднесат официјално барање за азил. Оваа мерка беше дизајнирана за да им дозволи на барателите на азил легално да патуваат низ земјата, како и да ги одврати од ризикувањето на сопствените животи преку движење долж железничката пруга. Во овој момент, нејасно е каков ефект ќе има оваа измена врз полициското насилство, вклучително и на границата со Грција. Сепак, се чини дека таа го намали систематскиот, произволен притвор документиран во овој извештај бидејќи многу мигранти и баратели на азил се одлучиле да ја регистрираат својата „намера“ да поднесат барање за азил и легално да патуваат низ земјата, наместо да ги користат шверцерските мрежи.
По притисокот од страна на Народниот правобранител на РМ и групите од граѓанското општество, како што се Хелсиншкиот комитет на Република Македонија и Легис, како и Агенцијата за бегалци при Обединетите нации, UNHCR, во јуни 2015 година властите почнаа да ги пренесуваат или да ги ослободуваат мигрантите и барателите на азил од притворскиот центар Гази Баба. Кон средината на јули, овој објект беше целосно испразнет заради негово реновирање, додека 50-те лица кои се очекува да се појават како сведоци во кривичните постапи против шверцери сега се притворени во Центарот за азил во Визбегово. Кон средината на август, во Центарот за азил во Визбегово веќе нема лица кои се држат во притвор. Сепак, петте мигранти кои се очекува да се појават како сведоци во кривичната постапка против еден шверцер се држат во притвор во Гази Баба.
Потребни се поорганизирани чекори за спречување и казнување на полициското насилство врз мигрантите и врз барателите на азил што се случува на улиците и во притвор во Македонија. Властите треба веднаш да стават крај на полициското насилство и да утврдат одговорност за неоправданата и прекумерната употреба на сила.
Македонија треба да обезбеди дека мигрантите се притвораат само во исклучителни околности, и тоа, за најкраток можен период, и дека тие имаат пристап до значајни постапки за оспорување на нивниот притвор. Владата треба веднаш да престане со притворање на мигрантите и барателите на азил заради обезбедување нивни изјави како сведоци во кривични постапки и треба да обезбеди дека кога тие се притворени заради миграција, таквиот притвор е неопходен и пропорционален, со сите постапки и заштитни мерки воспоставени со меѓународните и регионалните стандарди за човекови права. Треба да постојат алтернативи за притворот. Условите во Гази Баба или во која било нова притворска установа за мигранти треба да бидат во согласност со меѓународните стандарди и да обезбедат хуман и достоинствен третман.
Европската комисија ‒ како дел од нејзините активности за следење на сообразноста со барањата за членство во ЕУ ‒ треба да побара од Македонија да ги исполни своите обврски за почитување на човековите права на мигрантите и на барателите на азил како предуслов за нејзиниот влез во ЕУ. Во нивниот дијалог со македонските власти, претставниците на ЕУ треба да ја нагласат важноста на почитувањето на апсолутната забрана за тортура, суров или деградирачки третман од страна на полицијата или други владини агенти врз мигрантите и барателите на азил.
Препораки
До Владата на РМ
До Премиерот
До Министерството за внатрешни работи
- Јавно и недвосмислено да ги осуди сите насилства врз мигрантите и барателите на азил од страна на полицијата, да испрати јасна порака дека ваквите дејства се неприфатливи, да обезбеди брзи и темелни истраги за сите вакви инциденти и изведување пред лицето на правдата за одговорните.
- Да обезбеди дека сите активности за идентификување, приведување и притворање нерегуларни мигранти се спроведуваат на начин кој е конзистентен со меѓународните обврски на Македонија во однос на човековите права.
- Да обезбеди дека Владата на РМ навреме ќе го разгледа претстојниот извештај од Европскиот комитет за спречување тортура и ќе го одобри неговото објавување.
- Да обезбеди дека Владата на РМ ќе преземе навремени дејства во врска со препораките од Комитетот против тортура при ОН (од јуни 2015 год.) и од Комитетот за човекови права при ОН (од јули 2015 год.), со посебно внимание на препораките што се однесуваат на тортурата и прекумерната употреба на сила од страна на службениците кои го спроведуваат законот и на препораката што се однесува на условите во притвор.
- Да стави крај на полициското насилство врз мигрантите и врз барателите на азил, без оглед дали тоа се случува на границата со Грција, во полициските станици, во објектите во кои се задржуваат мигранти, како што е Прифатниот центар за странци во Гази Баба, или на кое било друго место во земјата. Веднаш да ги истражи случаите на полициско насилство и да ги изведе пред лицето на правдата одговорните.
- Да обезбеди пристап до ефективни правни лекови за притворениците, со што тие ќе можат ефективно да ја оспорат законитоста на нивниот притвор со помош на адвокат, во согласност со стандардите утврдени од Европскиот суд за човекови права.
- Да издаде јасни упатства за полициските службеници, вклучително и за полициските стражари во Гази Баба и во сите други установи каде се држат мигранти и баратели на азил, дека тие треба да ги третираат барателите на азил и мигрантите на начин кој е конзистентен со обврските за човекови права.
- Да спроведе алтернативи на притворот и да гарантира дека барателите на азил се притворени само како мерка во краен случај и само доколку алтернативите на притворот не може да бидат ефективно применети. Да не ги притвора барателите на азил и мигрантите како мерка за обезбедување нивно сведочење пред суд во постапки поведени против шверцерите.
- Да не ги притвора децата-мигранти без придружба, бремените жените или семејствата со деца. Да назначи правни старатели за сите деца без придружба, онака како што налагаат законите во Македонија, и да обезбеди навремена и непречена комуникација меѓу старателите и децата.
- Да обезбеди компетентни толкувачи за да гарантира дека мигрантите и барателите на азил се во можност да комуницираат со персоналот и стражарите на нивните јазици додека се притворени во Гази Баба и во други објекти, вклучително и во полициските станици.
- Да обезбеди дека условите во притворот во Гази Баба и во сите други установи каде се задржуваат мигранти ги исполнуваат меѓународните стандарди, вклучително и оние кои, меѓу другото, се однесуваат на пренатрупаност, вода, санитарни услови, хигиена, посебни хигиенски потреби на жените за време на менструалниот период, исхрана и пристап до свеж воздух.
- Да преземе чекори за да обезбеди дека притворените жени ги надгледуваат и ги чуваат женски стражари.
- Да дозволи разумен пристап до сите притворени мигранти за хуманитарните и невладините организации што работат на човековите права, со цел тие да ги опслужат нивните хуманитарни потреби, да ги информираат и да им помогнат во однос на нивните права и да ги следат нивните услови.
- Да обезбеди дека притворените мигранти имаат на располагање средства за комуникација со членовите на нивните семејствата, со UNHCR и со правните застапници.
До Народниот правобранител на Република Македонија
- Народниот правобранител треба да продолжи будно да ја следи ситуацијата во Прифатниот центар за странци во Гази Баба и во сите други притворски установи за мигранти и да ги истражи конкретните наводи за злоставување.
До Европската унија
- Како дел од следењето на сообразноста со пристапното законодавство на ЕУ, генерално, и посебно во рамките на Поглавјето 24, Европската комисија треба да обезбеди дека почитувањето на човековите права на мигрантите и на барателите на азил е интегрален дел од пристапните преговори со Македонија и предуслов за членство за кој не се преговара. Да ја нагласи важноста на обезбедувањето дека мигрантите и барателите на азил не се подложени на тортура, нехуман, суров или деградирачки третман од страна на полицијата.
- Да ги искористи сите можности за да ги повика македонските власти да ги истражат случаите на полициско насилство врз мигрантите и врз барателите на азил и да ги изведат пред лицето на правдата одговорните.
- Јавно да искаже загриженост за произволниот притвор и за неуспехот на моменталните практики да ги исполнат меѓународните, регионалните и стандардите на ЕУ и да ја повика Владата на РМ да стави крај на притворањето на децата-имигранти.
- Да ѝ помогне на Владата на РМ во обезбедувањето дека полицискиот третман на мигрантите и барателите на азил ги почитува темелните права, вклучително и недискриминацијата. Да распредели средства и да обезбеди техничка поддршка за специјализирана обука на службениците кои го спроведуваат законот во однос на човековите права и правото за бегалци.
До Советот на Европа
- Европскиот комитет за спречување тортура треба да продолжи интензивно да ја следи ситуацијата во Прифатниот центар за странци во Гази Баба или во кои било други притворски установи за мигранти и да ги истражи конкретните наводи за злоставување.
- Страдањето на мигрантите и барателите на азил треба да биде приоритетна грижа на Комесарот за човекови права во неговата работа во Македонија, нагласувајќи ги проблемите документирани во овој извештај и повикувајќи на конкретни чекори за да се надминат идентификуваните недостатоци.
До Комитетот против тортура при Обединетите нации
- Во рамките на својата постапка за последователни дејства, внимателно да ги оцени информациите за истрагите преземени во врска со злоставувањето на мигрантите и на барателите на азил од страна на полицијата, онака како што е документирано во овој извештај, како и преземените чекори за ставање крај на нехуманите и деградирачки услови во притворските установи за мигранти.
До Високиот комесар за бегалци при Обединетите нации (UNHCR)
- UNHCR треба да продолжи да ги посетува Прифатниот центар за странци во Гази Баба, Центарот за азил во Визбегово и сите други установи каде што се држат или може да се држат мигранти и баратели на азил за да обезбеди дека барателите на азил се идентификувани и дека имаат пристап до постапки за утврдување на бегалскиот статус, како и да работи со властите за да обезбеди дека барателите на азил и миграните не се притвораат во нехумани и деградирачки услови и дека не се подложени на злоставување.
До Специјалниот известувач за човековите права на мигрантите при Обединетите нации
- Да ги посети Македонија и другите земји од Западен Балкан, со цел да ги оцени јавните политики и практиките во однос на нерегуларните мигранти и барателите на азил, вклучително и условите и третманот во притвор, како и за време на операции за обезбедување на границата.
Методологија
Овој извештај се заснова на теренско истражување во Србија, во периодот од 11 ноември до 5 декември 2014 година, и во Македонија, во периодот од 18 до 27 јануари 2015 година. Дополнителни интервјуа беа направени во Србија, на 27 јануари 2015 година, како и телефонски интервјуа во периодот февруари – јули 2015 година.
Истражувачите на Human Rights Watch интервјуираа 64 баратели на азил и мигранти во Србија и во Македонија, вклучувајќи и 7 телефонски интервјуа. Од вкупно 64 интервјуирани лица, 42 се од Сирија (вклучувајќи Курди и Палестинци), 12 се од Авганистан, 3 се од Сомалија, а останатите се од 7 различни националности. Human Rights Watch интервјуираше 59 мажи и 5 жени, вклучувајќи и 8 деца, од кои 7 беа деца без придружба, и едно беше девојче. Сите интервјуа беа спроведени во приватност и без присуство на други лица, освен, онака како што е забележано, за време на интервјуата со 2 семејства на кои присуствуваа најблиските членови на семејството.
Во сите случаи, Human Rights Watch ги извести интервјуираните лица дека тие нема да добијат никаква лична услуга или придобивка за нивните сведоштва и дека интервјуата се прават на целосно доброволна основа и се доверливи. Освен доколку не е поинаку наведено, ние користевме псевдоними за сите мигранти и баратели на азил заради нивна заштита. Во некои случаи, ние сокривме и други детали, на пример, периодот на нивниот притвор. Сите интервјуа се документирани и се чуваат во Human Rights Watch.
Human Rights Watch ги интервјуираше службениците на Високиот комесар за бегалци при Обединетите нации, Меѓународната организација за миграција и персоналот на различни невладини организации во Македонија, вклучително и: Црвениот крст во Скопје, Хелсиншкиот комитет на Република Македонија, Македонското здружение на млади правници, Аналитика, Легис и Делегацијата на Европската унија во Македонија. Исто така, ние направивме интервју со Маринко Кочовски, помошник директор во Секторот за гранични работи и миграција при Министерството за внатрешни работи; Никола Мирчевски, виш полициски советник во Секторот за гранични работи и миграција при Министерството за внатрешни работи; Петар Саровски, управник на Прифатниот центар за странци во Гази Баба; Лидија Весковска, полициски советник во Центарот; и Никола Реѓевски, социјален работник во Центарот. Human Rights Watch интервјуираше и двајца полициски службеници, под услов тие да бидат анонимни. Интервју беше направено и со Дејан Ивковски, раководител на Одделот за азил, миграција и хуманитарна помош при Министерството за труд и социјална политика. Human Rights Watch оствари средба со претставници од канцеларијата на Народниот правобранител на Република Македонија. Министерството за внатрешни работи не даде дозвола Human Rights Watch да го разгледа Прифатниот центар за странци во Гази Баба, Скопје. Министерството за труд и социјална политика ни даде дозвола да го посетиме Центарот за азил во Визбегово, Скопје.
Во периодот април – август 2015 година, дополнителни телефонски интервјуа беа направени со Лекари без граници, Хелсиншкиот комитет на Република Македонија, Црвениот крст во Скопје, Делегацијата на Европската унија во Македонија, Легис, Народниот правобранител на Република Македонија и UNHCR.
На 1 јуни 2015 година, Human Rights Watch испрати писмо од 6 страници до Министерството за внатрешни работи во кое ја искажа својата загриженост во врска со кредибилните наводи за злоставување од страна на полицијата и за произволен притвор во нехумани и деградирачки услови. Министерството за внатрешни работи формално одговори на 23 јули 2015 година, и нивниот одговор е интегриран во овој извештај. Писмото од министерството е дадено во прилог на овој извештај.
На 20 јули, Human Rights Watch испрати ново барање до Министерството за внатрешни работи за дополнителни информации во врска со трансферот на луѓе надвор од Гази Баба, правната основа за нивниот притвор во Центарот за азил во Визбегово, плановите на министерството во врска со центарот во Гази Баба, и дали министерството планира да изгради друг притворски објект и кои акции ги презело за да го истражи насилството во Гази Баба. Министерството за внатрешни работи формално одговори на 26 август, и нивниот одговор е интегриран во овој извештај. Писмото од министерството е дадено во прилог на овој извештај.
Во согласност со меѓународните инструменти, поимот „дете“ кој се користи во овој извештај се однесува на лице на возраст под 18 години. Ние го користиме поимот „мигрант“ за да ги опишеме странските државјани во Македонија; користењето на поимот „мигрант“ не ја исклучува можноста дека едно лице може да биде барател на азил – лице кое бара да биде признаено како бегалец или да понесе барање за заштита на други основи, иако лицето можеби не бара азил во Македонија, туку во некоја друга земја. Во рамките на овој извештај, упатувањето на некое лице како мигрант или барател на азил не ја исклучува можноста дека тоа лице, во суштина, може да биде бегалец чиј статус не бил признаен од страна на некој орган бидејќи тој статус се утврдува со самото напуштање на неговата земја и неможноста или неволноста да се врати поради „цврсто заснован страв дека ќе биде прогонуван поради неговата раса, религија, националност, членство во одредена социјална група или политички став“.
I. Полициско насилство
Не постои правило кога и каде ќе те тепаат, тоа не е нешто што можеш да го контролираш. На пример, ако се смееш или зборуваш, тие те тепаат додека сите не замолчат, тие те тепаат додека тоа им причинува задоволство. [1]
―Малаз, 24-годишен маж од Сирија
Мигрантите и барателите на азил, интервјуирани за целите на овој извештај во периодот од 14 ноември 2014 година до јули 2015 година, за Human Rights Watch ги опишаа полициското насилство и заканите, погрдниот или навредливиот јазик на полицијата во Македонија.[2] Физичкото насилство опишано на Human Rights Watch вклучувало принудување да трчаат еден по друг меѓу два реда полицајци, тепање со пендреци, бодење и клоцање. Слушнавме сведоштва за насилство во полициските станици, на границата со Грција и во притворскиот центар за мигранти Гази Баба, Скопје.
Полициско насилство на границата со Грција
Дваесет и седум интервјуирани лица, вклучувајќи и три деца, рекоа дека искусиле насилство при нивното приведување и на границата со Грција. Тие изјавија дека откако влегле на територијата на Македонија, веднаш биле лишени од слобода, биле физички тепани и биле однесени во неофицијалните области на границата каде им било наредено да преминат назад во Грција. Полициски службеник од Македонија ѝ кажа на Human Rights Watch дека тој бил сведок како друг полициски службеник тепа маж со неговиот пендрек за да го принуди да влезе во автомобил за да биде вратен во Грција.[3]
Во рамките на одделни, приватни интервјуа, девет лица рекоа дека полицијата и граничната полиција ги натерала нив и други лица да трчаат еден по друг меѓу два реда полицајци кои ги удирале со пендреци по грбот, рамената и главата.
Хадад, 25-годишен маж од Авганистан, рече дека полицијата ги тепала него и други 12 лица во полициска станица во Скопје: „Командирот прво ќе ви удри бокс и потоа ќе вресне: ’Зошто дојде овде?‘, па повторно ќе ве удри“.[4] Тој рече дека полицијата ги удирала со пендреци него и другите за да ги принуди да влезат во камион пред да бидат однесени на границата меѓу Македонија и Грција и потоа, на границата, ги терала да трчаат меѓу два реда полицајци кои ги удирале со пендреци: „Тие нè удираа и викаа: ’Да ви ебам фамилијата‘ и ’Проклети муслимани‘“.[5]
Ајша, 16-годишна девојка од Авганистан, рече дека во два наврати македонската полиција ги тепала неа, нејзиниот 17-годишен брат и нејзиниот татко. Првиот пат, на почетокот на јануари 2015 година, Ајша рече дека отишла со нејзиното семејство во полициска станица во близина на границата со Грција за да бара азил. Но, полициските службеници ги однеле назад на границата со Грција и им наредиле да заминат. Кога биле на границата, таткото на Ајша се побунил против нивното враќање назад во Грција:
Тој им рече дека ние минавме толку многу ноќи во шумата и дека сме целосно исцрпени. Тој седна наземи; не сакаше да оди понатаму. Во тој момент, еден полициски службеник му се приближи на татко ми и го удир со пендрек по грбот и по раката. Друг полициски службеник го удри брат ми со пендрек по рамената, а трет полициски службеник ме удри мене со пендрек по рацете.[6]
Вториот пат, повторно на границата со Грција, Ајша посведочила како нејзините татко и брат се принудени да трчаат меѓу два реда полицајци кои ги удирале со пендреци нив и други мажи уапсени заедно со нејзиното семејство.
17-годишно момче од Авганистан рече дека македонските полицајци ги тепале него и други лица за време на нивното враќање во Грција по кратка постапка, во ноември 2014 година:
Без да кажат збор, тие почнаа да нè клоцаат. Мене ме клоцнаа во половината, јас паднав наземи, и тројца полицајци почнаа да ме клоцаат по целото тело. Кога станав, нè принудија мене и другите од групата да влеземе во полициски автомобил. Додека нè туркаа во полицискиот автомобил, полицајците продолжија да нè тепаат со пендреци по рамената и нè клоцаа по нозете. Тие нè тепаа и внатре во автомобилот, за време на целиот пат до границата... Кога се обидував да прозборам, тие ме удираа со пендрекот.[7]
Полициско насилство во Гази Баба
По правило, мигрантите кои биле уапсени откако незаконски влегле во Македонија се притвораат во единствениот притворски центар за мигранти во земјата: Прифатниот центар за странци, попознат како Гази Баба, според скопската општина во која се наоѓа. Оваа установа спаѓа во надлежност на Министерството за внатрешни работи.
Деветнаесет мигранти и баратели на азил, вклучувајќи и 16-годишно момче од Сирија, ѝ кажаа на Human Rights Watch дека тие искусиле или посведочиле физичко насилство и вербални навреди од страна на полицијата во центарот во Гази Баба. Во сите случаи кои ги документиравме, примената на сила не била ниту оправдана, ниту пропорционална. Често, насилството почнувало уште на првиот ден од нивниот притвор.
Салим, 22-годишен маж од Сирија, за Human Rights Watch изјави дека тој и други 23 лица биле заедно уапсени во едно предградие на Скопје и биле донесени во Гази Баба во октомври 2014 година:
Кога прв пат влеговме, нè пречека огромен маж кој држеше голем дрвен стап. Тоа не беше редовен, пластичен пендрек... Огромниот маж нè удираше со дрвениот стап и викаше по нас. Тој ми го скрши предниот заб. Ме удри по главата. Јас бев со модрици и повреди. Лицето ми беше крваво.[8]
Давуд, 22-годишен маж од Сирија, рече дека двајца стражари го тепале со пендреци и го клоцале по целото тело и во лицето, поради што усните му крвавеле, и тоа на првиот ден од неговиот притвор во Гази Баба, на почетокот на октомври 2014 година. Тој подоцна бил сведок на нешто што го опиша како брутално тепање на друг Сириец кој се обидел да побегне: „Тие силно го тепаа и потоа го однесоа под тушот и го полија со ладна вода. Потоа го фрлија назад во собата. Тој не се движеше две недели. Можевте да ја видите крвта во ходникот“. Давуд рече дека следните 55 дена во притвор биле најлошиот период од неговиот живот и тој, исто како многумина други, ги опиша повремените тепања.[9]
Алим, 24-годишен маж од Сирија, ни кажа дека стражарите „нè удираа секогаш кога имаа шанса“.
Понекогаш, кога ќе прашавме зошто сме таму, тие прво ќе опцујат и ќе нè нарекуваат со погрдни зборови, а потоа нè удираа. Еднаш, тие без причина му ја скршија раката на еден човек. Тој само си стоеше во ходникот. Стражарот му пријде и го турна на подот, а потоа го удри со неговите чизми по рацете. Му ја скрши подлактницата на едната рака.[10]
Сите поранешни притвореници изјавија дека полициските стражари во Гази Баба користеле навредлив и дерогирачки јазик. На пример, Мухамед, 22-годишен Сириец, ни кажа дека стражарите „ни викаа ’пичка материна‘ или ’мајмуни‘ толку често, и јас ги научив овие зборови“.[11]
Human Rights Watch интервјуираше еден полициски службеник од Македонија кој работел како стражар во Гази Баба во последните три години.[12] Тој потврди дека стражарите често ги злоставувале притворениците, преку физичко насилство и преку кажување расистички изјави:
Некои полицајци ги третираат притворените луѓе како да се животни. На пример, некои луѓе беа притворени таму четири месеци, беа очајни и прашуваа: ’Зошто нè држите толку долго? Сакаме да бидеме слободни‘. Полициските стражари... ги пцуеја и ако некој инсистираше да добие одговор, стражарите ги удираа, понекогаш со пендрек, а понекогаш ги удираа со тупаница во лице.
Еднаш, имаше еден притвореник кој инсистираше да добие повеќе храна. Еден од моите колеги ја отвори вратата на неговата соба, го извади човекот надвор и го удираше додека не го замолчи. Му удираше шлаканици, тоа не остава траги; му удираше шлаканици во главата и по грбот. Во друга ситуација, еден притвореник бараше лекови за да му помине главоболката. Шефот, така го викаме раководителот на смена, го извади човекот и го удираше со пендрек по телото, секаде каде што можеше да допре.[13]
Родово-базирано насилство врз жените од страна на полициските стражари во Гази Баба
Во Гази Баба, жените се одделно притворени од мажите. Петар Саровски, управникот на центарот во Гази Баба, како и службениците од Министерството за внатрешни работи рекоа дека во женскиот дел работат само женски стражари. Сепак, интервјуата што Human Rights Watch ги направи со три жени кои биле притворени во Гази Баба, со поранешни машки притвореници и со еден поранешен машки стражар укажуваат на тоа дека машките стражари често го обезбедувале женскиот дел, особено за време на ноќните смени. Поранешниот стражар рече дека тоа се должи на малиот број полицајки во Гази Баба: „Некои ноќи јас влегував во собите на жените и ги пребројував“.[14]
Фатима, 24-годишна Палестинка од Сирија, која била притворена четири месеци во периодот од јануари до мај 2015 година, рече дека еднаш или двапати неделно имало само машки полициски стражари: „Но, дури и кога имаше женски стражар, мажите влегуваа во нашиот дел секогаш кога ќе посакаа“.[15]
Сите овие интервјуа укажуваат на тоа дека притворените жени се соочуваат со слично физичко насилство како и мажите, но и со родово-специфично насилство.
Фатима рече дека полициските стражари ги третирале неа и другите притворени жени „како да не сме луѓе“. Таа изјави за Human Rights Watch дека била сведок на тоа кога еден полицаец нападнал жена од Сирија и нејзината 16-годишна ќерка, откако жената ги молела полициските стражари да ја однесат нејзината болна 2-годишна ќерка во болница:
Тој влезе во нашата соба, дојде до неа и ѝ удри шлаканица по лицето. Не еднаш, тој ја удираше со двете раце едноподруго, потоа ѝ ги стави рацете зад грб, притискајќи ја, и ѝ стави лисици на рацете. Кога нејзината 16-годишна ќерка виде што се случува, таа се обиде да се замеша. Тогаш, тој го удри девојчето и нејзе ѝ стави лисици на рацете. За целото време тој пцуеше и извикуваше лоши зборови на македонски јазик.[16]
Ламиа, 43-годишна Палестинка од Јармук во Сирија, која била притворена 72 дена во Гази Баба во периодот од октомври до декември 2014 година, рече дека таа и другите притворени жени се чувствувале небезбедни и ранливи, особено бидејќи полициските стражари во Гази Баба често биле пијани: „Тие пиеја и потоа навечер доаѓаа во нашата соба за да нè пребројат. Секогаш кога беа пијани и доаѓаа кај нас, ние се држевме заедно; сите бевме во една соба. Понекогаш, тие се обидуваа да ги стават нивните раце врз нас.”[17]
Поранешни машки притвореници, исто така, рекоа дека забележале оти полициските стражари често биле пијани за време на ноќната смена.
Поранешен стражар кажа дека најмалку двајца полициски стражари во притворскиот центар се фалеле дека имале секс со притворените жени:
Имаше двајца или тројца колеги кои се фалеа дека имале сексуални односи со притворените жени. Тие ми велеа: ’Ако сакаш, можеме да ти овозможиме и тебе‘. Тие не го криеја тоа. Тие беа горди на тоа.[18]
Фатима, 24-годишна Палестинка, рече дека била сведок како еден конкретен службеник „Н“ сексуално малтретирал две притворени жени. Фатима опиша дека еден полициски службеник следел 25-годишна жена од Ирак секаде каде што таа одела, обидувајќи се да ја допре: „Таа го одбиваше, се обидуваше да биде подалеку од него, но тој не се откажуваше. Кога овој маж ќе фрли око на некого, тој не се откажува. Повеќе пати видов како ја допира. Девојката беше многу уплашена, ме замоли да бидам во нејзина близина. Бидејќи таа продолжи да го одбива, тој почна да ја навредува.“[19]
Human Rights Watch директно зборуваше и со Асма, 20-годишна жена од Сирија која Фатима ја идентификуваше како уште една жртва на малтретирањето, и таа рече дека истиот полициски службеник „Н“ ја малтретирал „секојдневно“ за време на сите 148 дена што ги минала во Гази Баба:
Тој се обидуваше, секогаш кога можеше, да ме начека сама во соба со него. Тој ми приоѓаше и ми шепнуваше дека сум убава и дека тој ќе ми помогнел, дека тој лично ќе го разгледал мојот случај. Потоа, тој ме покануваше во соба, велејќи: ’Дојди со мене и ќе можеш да телефонираш‘. Дури и да останев цела година [во притвор], јас немаше да му се предадам. За него, допирањето на мојата коса беше секојдневна работа. Тој често ме штипеше за образите или ме фаќаше за рамена и за грб, а јас се повлекував назад неколку чекори за да избегам од него. Еднаш, тој ми пријде и рече: ’Сакам да те киднапирам и да те однесам во мојата куќа‘. Јас бев многу уплашена.[20]
Асма потврди дека машките полициски службеници често влегувале во собите на жените навечер и рече дека една ноќ, „Н“ дошол до нејзиниот кревет, го зел нејзиното ќебе/прекривка и ја замолил да му се придружи во приватна соба, сугерирајќи дека таа ќе може да телефонира од таму. Асма рече дека ниту „Н“ ниту некој друг службеник физички ја допирал додека спиела.
Асма ѝ кажа на Human Rights Watch дека друг полициски службеник, кој таа го идентификуваше како „О“, и неа вербално ја малтерирал. Таа рече дека тој често го вкрстувал патот со неа и кажувал работи како: „Што би ти направил да не беше со твојата група [луѓето со кои таа била приведена]“. Мухамед, 22-годишен Сириец кој бил притворен во Гази Баба во истиот период како и Асма и кого ние одделно го интервјуиравме, рече дека тој посведочил како овој стражар, исто како и „Н“, во неколку наврати ја малтретирал Асма.
Асма изјави за Human Rights Watch дека таа се пожалила на надредената полицајка со три сини ленти на униформата која била одговорна за женскиот дел: „Таа ми рече да поднесам поплака, но се плашев да го сторам тоа додека бев таму. Се плашев дека тоа ќе ми го пролонгира притворот, па затоа не поднесов поплака“.[21] Потоа, Асма објасни дека детално зборувала за малтретирањето со женски претставник од локалната организација на Црвениот крст. HRW не можеше да потврди дали полицајката кај која таа го пријавила инцидентот ги известила нејзините надредени или презела натамошни дејства.
Human Rights Watch директно не зборуваше со ниту една друга притворена жена која изјави дека искусила сексуално малтретирање или насилство.
Недостиг на утврдување одговорност за насилството
Според информациите на Human Rights Watch, ниту едно од интервјуираните лица не поднело официјална поплака или пријава до властите за какво било злоставување од стражарите. Поранешните притвореници наведоа различни причини зошто не го пријавиле злоставувањето: недостиг на информации како да се направи тоа и до кого, страв од одмаздување и страв од влошување на односите со стражарите и од губење на кои било минимални придобивки што овие добри односи ги нуделе (на пример, можност да се биде надвор на свеж воздух). Кога Human Rights Watch го праша поранешниот стражар, кој бил сведок на злоставувањето од неговите колеги, дали тој пријавил каков било инцидент до надлежните власти, тој рече: „Нема до кого да се пријави, ниту, пак, тоа би сменило нешто. Јас се вмешував и им велев на моите колеги дека начинот на кој тие се однесуваат кон овие луѓе е погрешен, но тие не слушаа. И јас се плашев да пријавам“.[22]
Маринко Кочовски, помошник директор во Секторот за гранични работи и миграција при Министерството за внатрешни работи, изјави за Human Rights Watch дека лицата притворени во Гази Баба можат да пријават какво било насилство до раководителот на смената и дека одделението за внатрешна контрола потоа го истражува случајот. Тој рече дека одделот го истражил единствениот случај кој бил пријавен од притвореник во Гази Баба (навод за кражба), додавајќи: „Ние сме внимателни кога вакви случаи се пријавуваат“.[23]
Како одговор на нашите грижи за утврдување одговорност за полициското насилство, во писмото до Human Rights Watch, Министерството за внатрешни работи напиша:
…надлежните органи редовно постапуваат не само по конкретни поплаки и пријави, туку и по сознанија добиени од медиуми, социјални мрежи, по ’допрен глас‘, и слично. Во најголем дел, сознанијата се премногу општи, без основни информации, а во голем број случаи и контрадикторни.[24]
Министерството објасни дека истрагата вклучува интервјуа со лицата задржани во Гази Баба и со персоналот, како и проверка на снимките од внатрешниот видеонадзор. Освен тоа, министерството извести дека Гази Баба редовно ја посетуваат национални и меѓународни организации, чии претставници имаат можност да разговараат, во приватност, со лицата задржани таму и дека затоа, „шансите за евентуални случаи на насилство да останат нерегистрирани се минимални“.[25] Влезот во Гази Баба беше одбиен за Human Rights Watch, Amnesty International и Хелсиншкиот комитет на Република Македонија, и покрај постојаните барања.[26]
Министерството потврди дека граничната полиција „ги зема предвид“ Конвенцијата за заштита на човековите права и основните слободи, Конвенцијата против тортура и други облици на суров, нехуман и деградирачки третман или казнување, Конвенцијата за статусот на бегалците од 1952 година и Протоколот за статусот на бегалците од 1967 година во постапката за притворање и постапување со странци.[27]
На 26 август 2015 година, министерството ја информираше Human Rights Watch дека неговиот Сектор за внатрешна контрола и професионални стандарди повел дисциплински постапки против пет полициски стражари во Гази Баба и дека едно лице било суспендирано.[28]
Министерството не обезбеди информации за тоа дали е поведена конкретна истрага или дисциплинска постапка против посебната гранична полиција.
Меѓународно право за прекумерна употреба на сила и злоставување во притвор
Случаите на физичко и вербално насилство што ние ги документиравме во овој извештај претставуваат прекршување на забраната за злоставување вградена во македонските закони и меѓународното право. Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, Европската конвенција за човекови права и Конвенцијата против тортура, кои Македонија ги има ратификувано, вклучуваат апсолутна забрана за тортура и суров, нехуман и деградирачки третман или казнување.[29]
Меѓународното право за човекови права и националните закони ја обврзуваат Македонија да преземе ефективни мерки за да спречи ваков третман и да поведе соодветни истражни и кривични постапки против сторителите. Според судската практика на Европскиот суд за човекови права, неуспехот соодветно да се истражат наводите за прекумерна полициска сила претставува повреда на забраната за тортура, нехуман или деградирачки третман.[30] Во согласност со македонскиот закон, малтретирањето при извршување должност претставува кривично дело.[31]
Меѓународното право признава дека постојат ситуации во кои полициските службеници можеби треба да применат сила доколку другите средства се неефективни и доколку примената на сила е пропорционална. Притоа, тие треба да ги применат сите ненасилни средства пред да пристапат кон употреба на сила и да практикуваат воздржаност при употребата на сила, со цел да ги минимизираат повредите и да го почитуваат човечкиот живот.[32] Прибегнувањето кон непотребна и непропорционална физичка сила врз некое лице е еднакво на суров или нехуман третман.[33]
Во јуни 2015 година, Комитетот против тортура при Обединетите нации ја искажа својата загриженост поради известувањата за нелегитимна употреба на сила, тортура и злоставување од страна на полицијата, вклучително и злоставување во затворите, како и неказнивоста на овие кривични дела, упатувајќи на недоволното следење и документирање на насилството во затворите и недостигот од надворешен надзор или независен надзор врз полицијата.[34] Комитетот против тортура ја повика Македонија „веднаш да преземе мерки за ставање крај на злоставувањето во затворите [и] да обезбеди навремени, темелни и непристрасни истраги за наводите за тортура и злоставување од страна на службениците кои го спроведуваат законот, што ќе резултираат во кривичен прогон и казни за одговорните “.[35] Тој побара информации од Владата, најдоцна до мај 2016 година, за последователните чекори преземени во врска со препораките на Комитетот.
Во јули 2015 година, Комитетот за човекови права при ОН, исто така, ја изрази својата загриженост поради извештаите за полициска бруталност и прекумерна употреба на сила, извештаите за злоставување и тортура од страна на затворскиот персонал во притворските установи, како и поради отсуството на истражни дејства и кривични постапки за делата што ги сториле службениците кои го спроведуваат законот.[36] Комитетот за човекови права ја повика Македонија „да ги зајакне своите заложби за елиминација на полициската бруталност и прекумерната употреба на сила од страна на службениците кои го спроведуваат законот, како и да обезбеди дека полициските сили добиваат квалитетна професионална обука, која вклучува целосно почитување на човековите права“.[37] Понатаму, Комитетот побара од Македонија да обезбеди дека случаите на тортура и прекумерна употреба на сила се „систематски истражени, дека против сторителите се поднесени кривични пријави и дека се казнети, а на жртвите им е доделена соодветна компензација“.[38]
Регионалните и меѓународните стандарди и препораки што се однесуваат на третманот на затвореници и на притворени мигранти упатуваат на тоа дека притворените жени треба да бидат сместени одделно од мажите, и нив треба да ги надгледуваат и да ги чуваат женски стражари.[39]
II. Нехумани и деградирачки услови во Гази Баба
Интервјуата што Human Rights Watch ги направи со 30 поранешни притвореници упатуваат на тоа дека миграните и барателите на азил се притвораат во центарот Гази Бана со недели или месеци, и тоа, во пренатрупани, несанитарни услови кои се еднакви на нехуман и деградирачки третман. Мигрантите и барателите на азил во Гази Баба немале кревети, душеци или ќебиња, биле лишени од правото на соодветна храна, вода, облека и минимум простор, санитарни услови и хигиена, приватност и безбедност, кои се потребни за хумано и достоинствено живеење. Тие живееле и спиеле во валкани и пренатрупани соби и ходници, без природна светлина или свеж воздух. Лицата што ги интервјуираше Human Rights Watch биле притворени до седум месеци, во периодот од јуни 2014 година до јули 2015 година.
На истражувачите на Human Rights Watch не им беше дозволено да влезат внатре во центарот при нивната посета во јануари 2015 година. За време на обиколката на објектот однадвор, истражувачите видоа жени и деца, вклучувајќи и новороденчиња, кои ги гледаа од зад прозорците со решетки. Една мало девојче го отвори прозорецот и крена лист хартија на кој пишуваше СОС и рече: „Ве молам, помогнете ни. Тие ги тепаат мажите, овде има бебиња и многу деца, нечисто е“. На задната страна од објектот истражувачите видоа повеќе од десет мажи како се притискаат кон она што се чини дека беше единствениот прозорец во машкиот дел од објектот.
Human Rights Watch собра повеќе од 70 фотографии направени од поранешни притвореници со нивните мобилни телефони на кои јасно се гледаат нечисти и тенки душеци и ќебиња наредени на подовите во просториите и во ходниците и големи групи притвореници, вклучително и многу мали деца, седнати врз нив.
Во јуни 2015 година имаше знаци дека македонските власти преземаат чекори за да ја намалат пренатрупаноста во Гази Баба. Во времето на нашата посета во јануари, управникот на центарот ни кажа дека во објектот се сместени 250 лица во простор наменет за 100 притвореници. Локалната организација на Црвениот крст ни кажа дека во тоа време фактички имало дури 400 притвореници. На почетокот на јули, Црвениот крст извести дека бројот бил намален на 30 притвореници.[40] Даница Стошевска, претставник на Делегацијата на Европската унија во Македонија, ни кажа дека Министерството за внатрешни работи го намалува бројот на лица притворени во Гази Баба и планира поранешен воен комплекс во Куманово да претвори во притворски центар.[41] Стошевска, која претходно ѝ кажа на Human Rights Watch дека ситуацијата во Гази Баба не е приоритет за ЕУ, укажа дека во моментов ЕУ не планира да обезбеди финансии за нови објекти. Претставникот на UNHCR во Македонија ѝ кажа на Human Rights Watch дека Министерството за внатрешни работи ги известило за плановите за нов притворски центар во Куманово на почетокот од летото 2015 година.[42] Во тоа време, UNHCR го информирале министерството дека тие не се подготвени да финансираат какви било притворски установи.[43]
Како одговор на нашето прашање дали постојат планови за изграба на други објекти, Министерството за внатрешни работи нè извести во пишана форма дека ги разгледува можностите за преместување на Гази Баба „во објект со поголем капацитет“ и дека за таа цел, избран е објект во Куманово кој би „овозможил два пати поголем капацитет од сегашниот [објект]“.[44]
Мерсиха Смаиловиќ, претставник на Легис, невладина организација која обезбеди хуманитарна помош за лицата притворени во Гази Баба, и Воислав Стојковски, правник од Хелсиншкиот комитет на Република Македонија, рекоа дека до средината на јули министерството или ги ослободило или ги префрлило сите притвореници од Гази Баба во Центарот за азил во Визбегово, Скопје. Според Смаиловиќ и Стојковски, последните 50 лица, кои биле префрлени во Центарот за азил во Визбегово и кои се очекува да сведочат во кривичните постапки против шверцери, се притворени и ги чуваат полициски службеници.[45] Според претставникот на UNHCR и локалниот Црвен крст, овие 50 лица биле ослободени, и од средината на август веќе нема луѓе притворени во Центарот за азил во Визбегово.[46] На 20 август 2015 година, Дејан Ивковски, раководител на Одделот за азил, миграција и хуманитарна помош при Министерството за труд и социјална политика, потврди дека во Центарот за азил во Визбегово нема лица кои биле префрлени од Гази Баба.[47] Шест дена подоцна, Министерството за внатрешни работи, исто така, ја информираше Human Rights Watch дека „во центарот за баратели на азил не престојуваат илегални мигранти, туку само лица од категоријата баратели на азил“.[48]
Во писмото до Human Rights Watch, со датум од 23 јули 2015 година, Министерството за внатрешни работи инсистираше дека „во ниту еден момент, вклучувајќи го и периодот кога Human Rights Watch го посети Прифатниот центар кон крајот на јануари 2015,“ немало „ниту приближно“ 400 лица во објектот.[49] Министерството призна дека бројот од 250 лица „предизвикал сериозни проблеми во функционирањето“ на Гази Баба и дека Министерството за внатрешни работи го зголемило капацитет на Гази Баба со преземање на една од зградите во рамките на комплексот на Центарот за азил во Визбегово, Скопје. Министерството наведе дека зградата е „одвоена и обезбедена од останатите објекти на Центарот за азил... и во неа исклучиво се сместени лица од ранливите групи“.[50]
Министерството рече дека до крајот на јули 2015 година, бројот на луѓе во Гази Баба бил „значително намален“ (со само осум притвореници во времето кога е пишувано нивното писмо) и дека центарот „редовно се одржува и е предмет на зајакнати здравствени и санитарни контроли“. Министерството додаде дека во иднина, нема намера да притвора „нелегални мигранти од кризните региони“ во Гази Баба.[51]
На 18 август, локалната организација на Црвениот крст ѝ кажа на Human Rights Watch дека во Гази Баба биле приведени пет мигранти кои биле уапсени во автомобил и немале документ за 72 часа, кој ја потврдува нивната намера да побараат азил, и се очекува тие да се појават како сведоци во кривичната постапка против возачот.[52] Исто така, на 18 август, претставникот на UNHCR потврди дека пет мигранти се притворени во Гази Баба.[53] На 19 август 2015 година, Human Rights Watch испрати ново барање за информации до Министерството за внатрешни работи во врска со причините за притворањето на петте мигранти. Министерството за внатрешни работи не обезбеди одговор навреме за да биде вклучен во овој извештај.
Во телефонското интервју со Human Rights Watch направено на 22 јули 2015 година, Аница Томшич Стојковска, советник за превенција на тортура при канцеларијата на Народниот правобранител, наведе дека во јуни 2015 година, во притворскиот центар Гази Баба имало до 400 притворени лица и дека тоа предизвикало бунт од страна на притворениците.[54] Мерсиха Смаиловиќ, претставник на хуманитарната НВО Легис, рече дека Легис испорачала 350 оброци за време на првиот ден од рамаданските празници (кон средината на јули) за притворениците кои постат.[55] Смаиловиќ објасни дека заменик управникот на Гази Баба ја информирал Легис за бројка од 350 притвореници кои постат и дека тие нашле најмалку ист број притвореници кога дошле во центарот за да ја испорачаат храната.
Како одговор на нашите прашања за тековниот статус на Гази Баба и дали Македонија ќе продолжи да ги притвора мигрантите, Министерството за внатрешни работи нè извести во пишана форма дека Гази Баба се реновира и дека „со оглед на моменталната и очекуваната ситуација, како и категоријата на лица кои во иднина ќе престојуваат [во Гази Баба], исполнети се стандардите за сместување лица“. [56]
Пренатрупаност
Од 30-те поранешни притвореници, кои Human Rights Watch ги интервјуираше, само тројца рекоа дека имале пристап до кревет за време на нивниот притвор. Всушност, огромен број притвореници рекоа дека тие живееле и спиеле на подовите во ходниците поради пренатрупаност. Тие рекоа дека биле принудени навечер да се стуткуваат, без ќебиња. Други рекоа дека делеле соба со најмалку 25 други лица, без кревети. Македонските власти потврдија дека во една соба се сместени 30 до 40 лица.[57] Фотографиите што поранешни притвореници ги обезбедија за Human Rights Watch покажуваат дека на подот нема простор за одење и дека сите притвореници седат или лежат на под.
Мухамед, 22-годишен маж од Сирија, кој бил притворен во Гази Баба пет месеци во периодот од февруари до јули 2015 година, рече дека првите 21 ден ги поминал спиејќи на подот „покривајќи се само со мојата јакна“.[58]
Малаз, 24-годишен маж од Сирија, рече дека тој поминал три недели во влажна просторија без прозорци во подрумот, заедно со 25 други лица.
Креветите беа железни и без душеци, само тенок сунѓер, и тоа само за четири лица. Остатокот од луѓето спиеја на подот. Првите три дена јас не
можев да најдам место на подот за да спијам, па затоа, спиев во ходникот. Во тие три дена јас немав ниту ќебе. Подоцна, некои од затворениците ми ги дадоа нивните ќебиња.[59]
Ламиа, 43-годишна Палестинка од Сирија, која била притворена 72 дена во Гази Баба, во периодот од ноември 2014 година до јануари 2015 година, ѝ кажа на Human Rights Watch дека ситуацијата е иста и во женскиот дел: „Во мојата соба имаше 35 до 40 жени и деца. Имаше само два кревета. Понекогаш, ги стававме овие два кревета заедно за да можат четири лица да спијат на двата кревета. Секоја од нас имаше само две ќебиња, едно под тебе, и едно врз тебе“.[60]
Недоволно свеж воздух
Само 4 од 30-те поранешни притвореници, кои ги интервјуираше Human Rights Watch, рекоа дека им било дозволено да излегуваат надвор во текот на нивниот повеќемесечен притвор. Рашид, 35-годишен Сириец, кој бил притворен во Гази Баба два и пол месеци, се пожали на недоволна светлина и свеж воздух: „Ние бевме во долниот дел од зградата, и имаше само еден прозорец со решетки каде можеш да земеш малку воздух. Поголем дел од времето, ние бевме пренатрупани. Воопшто не ни беше дозволено да одиме надвор“.[61]
Четворицата поранешни притвореници на кои им било дозволено да излезат надвор рекоа дека тоа им било дозволено само во ограничени околности. Палестинката Ламиа рече дека за време на 72-та дена додека била притворена, ѝ било дозволено да излезе надвор само три пати. „Само три пати ми дозволија да го видам сонцето. Сепак, не ни беше дозволено да се шетаме во дворот. Ние само стоевме и десет минути подоцна тие нè внесуваа внатре“.[62]
Тарик, 19-годишен Палестинец од Сирија, кој бил притворен два месеца, рече: „Не можевме да се шетаме наоколу, освен кога сакавме да го изнесеме сметот надвор; и тоа беше единственото време кога имавме шанса да дишеме свеж воздух. Во други случаи беше невозможно да се излезе надвор“.[63]
Маринко Кочовски, помошник директор во Секторот за гранични работи и миграција, и Лидија Весковска, виш полициски советник во Гази Баба, рекоа дека на сите притвореници им се дозволува да излезат надвор двапати дневно, еднаш наутро и еднаш попладне, во согласност со прописите на центарот.[64] Сепак, Стојковска од канцеларијата на Народниот правобранител ѝ кажа на Human Rights Watch дека функционерите од Гази Баба им потврдиле ним дека реално, на притворениците не им се дозволува да излезат надвор од „безбедносни причини“.[65] Во април 2015 година, Народниот правобранител на РМ објави извештај по посетата на центарот во кој се вели дека притворениците и натаму се лишени од правото да излегуваат надвор „поради фактот дека овој објект не е обезбеден со ограда и нема доволно место за сите што се вдомени во центарот“.[66]
Ограничени санитарни услови и лоша хигиена
Поранешните притвореници рекоа дека во објектот имало само два или три функционални, нечисти тоалети за време на нивниот притвор и објаснија дека имале ограничен пристап до тушови, и тоа, само со ладна вода. Малаз, 24-годишен маж од Сирија, кој бил притворен во Гази Баба во јануари 2015 година кога просечната температура во Скопје е под нула степени на Целзиусовата скала, рече:
Од шест тоалети, само два беа функционални. И тие не личеа на нешто што би сакале да го користите. Мијалникот не функционираше, беше ужасно нечист, и водата таму беше лоша. Во тушовите немаше топла вода. Можеш да се истушираш само ако поднесуваш ладна вода, а и во центарот беше ладно.[67]
Други притвореници се пожалија на Human Rights Watch дека не можеле да ги користат тоалетите кога имаат потреба за тоа поради пренатрупаноста и дека немало топла вода во тушовите.
Министерството за внатрешни работи потврди дека некои тоалети и тушови во Гази Баба не функционираат соодветно, но ги негираше изјавите дека немало топла вода во тушовите: „Во тушовите има греење и топла вода. Тие можат да ги користат тушовите кога сакаат. Сепак, поради пренатрупаноста, некои тушови и тоалети се расипаа“.[68] Персоналот од Гази Баба ѝ рече на Human Rights Watch дека шест од десет тоалети во центарот биле функционални во времето на нашата посета во јануари 2015 година, а рекоа и дека притворениците се одговорни за оштетувањето на четирите нефункционални тоалети.[69]
Сите поранешни притвореници, кои беа интервјуирани од Human Rights Watch, рекоа дека требало да купуваат хигиенски производи, како што се сапун и тоалетна хартија, од стражарите, и тоа, по претерани цени. Малаз, 24-годишен Сириец, објасни: „Во затворот има продавница – така тие ја викаат. Еднаш неделно можеш на лист хартија да ги напишеш работите што ти требаат. Полициските службеници ти ја кажуваат цената. За ништо не плаќаш помалку од 10 евра“.[70] Дахир, 26-годишен маж од Сомалија, рече: „Тоа беше типичен црн пазар. Нешто чини 5 евра, но тие ќе ти наплатат 20 евра“.[71]
Ламиа рече дека жените притворени во Гази Баба немаат пристап до санитарни производи, како што се влошки за менструација: „Влошки можевме да добиеме само ако платиме. Цените беа екстремно високи. Јас потрошив 500 евра [на основни потрепштини, вклучително и храна и хигиенски производи] за времето [72 дена] кога бев таму“.
Фатима, 24-годишна Палестинка, изјави дека таа требало да плати за сите хигиенски производи, вклучително и тоалетна хартија, сапун и санитарни влошки за менструација.[72]
Како одговор на нашите грижи за лошата хигиена и санитарните услови, Министерството за внатрешни работи нè извести во пишана форма дека „за одржување на чистотата во објектот е задолжена приватна компанија, а епидемиолошката и имунолошката заштита се реализираат во соработка со јавните здравствени установи“.[73]
Лош квалитет и недоволни количини храна и безбедна вода за пиење
На секој притвореник во Гази Баба му се дава дневно следување храна што го сочинуваат една мала конзерва храна и парче леб,како и две дополнителни конзерви во петок кои треба да им траат за викендот. Управителот на центарот објасни дека во установата нема кујна и нема можност за подготовка на соодветни оброци.[74] Осум лица, кои биле притворени за краток временски период во таканаречената „просторија за депортација“, ни кажаа дека тие добивале храна само доколку можат да платат. На притворените деца не им се обезбедуваат потребната исхрана и нега соодветна на нивната возраст.
Малаз објасни: „Еднаш дневно ќе добиете конзерва туна или кашкавал, или сардини, понекогаш џем. Секој ден, само еднаш дневно, ова е сета храна што ја добивате“.[75]
Сите поранешни притвореници рекоа дека немале друг избор освен да купуваат дополнителна храна од полициските службеници. Ахад, 16-годишното момче од Сирија, рече: „Никогаш не беше доволно и ние требаше да купуваме дополнителна храна од полициските службеници. Ако сакате да набавите нешто, го пишувате на лист хартија и полицијата ќе го купи за вас. Тоа беше многу скапо“.[76]
Хефес, 22-годишен Сириец, рече дека тој потрошил 250 евра на основни потрепштини за време на 55-те дена што ги минал во Гази Баба.[77]
Правилникот за куќен ред на Прифатниот центар бил изменет и дополнет во мај 2013 година за да овозможи полициските службеници да ги користат парите што биле конфискувани од притворените лица по нивното приведување, „на усно барање на странецот за да му набават храна, облека и други предмети за лична употреба“.[78]
Речиси сите поранешни притвореници рекоа дека не им била дадена флаширана вода и дека пиеле вода од мијалниците во кујната и тоалетот ако не можеле да си дозволат да купат вода од стражарите. На пример, Тарик изјави: „Ние пиевме вода од купатилото. Не ни беше дадена вода за пиење“.[79] Бидејќи сите поранешни притвореници рекоа дека водата не била за пиење, тие кои можеле, морале да купуваат вода. На пример, Фатима изјави: „Водата во тоалетите беше нечиста за пиење, па јас и другите притворени жени моравме да купуваме флаширана вода од стражарите“.[80]
Влијанието на притворот врз здравјето
Условите и третманот во Гази Баба можеле да имаат сериозни последици врз менталното и психичкото здравје на притворениците. Многумина од оние интервјуирани од Human Rights Watch се пожалија на депресија, проблеми со спиењето и кожни болести за време на нивниот притвор и по нивното пуштање кои се поврзани со престојот во Гази Баба.
Ламиа, Палестинката од Сирија, ги опиша депресијата и самоубиствените мисли што ги имала поради притворот: „Се обидов да се убијам. Сакав да земам апчиња, но мојата пријателка ме спречи.“[81] Таа рече дека сè уште е трауматизирана од нејзиното искуство во Гази Баба: „Понекогаш се будам навечер и прво не знам каде сум. Често сум уплашена. Имам фобија од полицијата каде и да одам“.[82]
Тарик, 19-годишниот Палестинец од Сирија, рече дека тој бил сведок на обидот на еден притвореник да се самоубие.[83]
Фатима, 24-годишната Палестинка од Сирија, која била притворена четири месеци во Гази Баба, рече дека таа искусила сериозна депресија во последниот месец од притворот: „Почнав да верувам дека никогаш нема да излезам. Цели денови одбивав да јадам или да пијам. Одбивав да зборувам. Дури не сакав да зборувам ни со мојата мајка кога ми понудија да ѝ се јавам во Сирија“.[84] Фатима рече дека пропуштила два менструални циклуса за време на нејзиниот притвор и смета дека тоа се должи на стресот.
Интервјуираните лица рекоа дека лошите санитарни и хигиенски услови довеле до физички здравствени проблеми. Малаз објасни: „Јас имам генетска астма, но обично немам проблеми. Но, средината во Гази Баба ја направи тешка, ужасно беше“.[85]
Пет поранешни притвореници, вклучително и Малаз, рекоа дека фатиле кожни болести додека биле во Гази Баба и тоа го припишуваат на несанитарните услови, лошата хигиена и недоволниот свеж воздух и дневна светлина. Дахир од Сомалија рече дека се заразил од кожна болест. Тој рече дека не можел да се тушира кога имал потреба и дека никогаш не му било дозволено да излезе надвор на свеж воздух: „Отидов кај докторот во затворот и тој ми рече дека ми треба сонце. Дури ни тогаш полициските службеници не ме пуштија надвор.“[86]
Стојковска ја информираше Human Rights Watch дека Народниот правобранител на РМ открил случаи на заразни заболувања, вклучително и преносливи кожни болести, како што се красти и вошки, за време на нивната посета во јуни 2015 година.[87]
Притворање деца
Во Гази Баба биле притворени семејства со деца и деца без придружба. Петар Саровски, управител на Гази Баба, ја извести Human Rights Watch дека во текот на 2014 година, во установата биле притворени 146 деца, од кои 64 биле деца без придружба. [88] Иако Саровски не беше во можност да ни каже колку деца се присутни во времето на нашата посета во јануари 2015 година, претставникот на локалната организација на Црвениот крст рече дека во тоа време во Гази Баба биле притворени 46 жени и деца, вклучително и пет новороденчиња и десет постари деца, а две од нив немале придружба од возрасен роднина.[89]
Кога зборувавме во јануари 2015 година, Кемал, 30-годишен Сириец, ни кажа дека неговата жена, која во тоа време била во четвртиот месец од бременоста, и неговото 3-годишно дете биле притворени во Гази Баба. Кемал рече: „Детето не може да издржи да остане таму. За што е виновно детето?“[90]
Human Rights Watch беше во можност да зборува со само едно дете без придружба, 16-годишно момче од Сирија со име Ахад, притворено во центарот во период од четири месеци. Ахад рече дека македонската полиција го уапсила него и седум други сириски деца без придружба рано наутро пред Центарот за азил во Визбегово каде тие ја минале претходната ноќ надвор, чекајќи можност да побараат азил.
Во 7 часот наутро, двајца полицајци дојдоа и нè уапсија сите. Тие ни рекоа дека ќе нè однесат во азил. Јас им реков дека имам шеснаесет години и ги покажав документите што ги имав од Грција. Потоа, нè однесоа во Гази Баба.[91]
Ахад рече дека тој и неговите седум пријатели биле притворени таму во соба со 20 возрасни лица со кои не се во роднинска врска и дека таму останале четири месеци.[92]
Во согласност со меѓународното право и најдобрите практики, македонските закони пропишуваат дека на децата одделени од нивните родители или старатели треба да им биде назначен законски старател. Во практиката, ваквата помош не се обезбедува.
Персоналот од канцеларијата на Народниот правобранител на Република Македонија интервјуирал 17 деца без придружба притворени во Гази Баба за време на нивната посета во ноември 2014 година.[93] Иако записите покажуваа дека на сите им биле назначени законски старатели, интервјуата со сите овие деца потврдиле дека ниту едно од нив не било посетено од старател ниту, пак, е свесно дека има старател.[94]
Ахад дури не разбра кога истражувачот на Human Rights Watch го праша дали нему или на некој од неговите пријатели му бил назначен старател за време на притворот во Гази Баба. „Мене никогаш не ме посети некој. Тие не ми дадоа ниту адвокат ниту толкувач. Не ни дозволуваа да зборуваме. Мене дури не ми беше дозволено да се јавам на семејството. За време на четирите месеци, само еднаш ми беше дозволено да користам телефон“.[95]
Министерството за внатрешни работи ја извести Human Rights Watch дека го информира Министерството за труд и социјална политика кога се притвораат деца мигранти без придружба, со цел „веднаш да им се назначи старател“.[96]
Сепак, Стојковска ѝ кажа на Human Rights Watch дека Народниот правобранител на РМ се сретнал со 11-годишно момче без придружба во Гази Баба во јуни 2015 година. Стојковска рече дека тоа било притворено три недели во времето на нивната посета, заедно со возрасни со кои не е во роднинска врска и без механизам за заштита или конкретна нега.[97] Дури по интервенцијата на Народниот правобранител на РМ, на момчето му бил обезбеден старател и било сместено кај старателско семејство.
Конвенцијата за правата на детето, каде што Македонија е страна, пропишува дека притворањето на децата „се користи само како мерка во краен случај и за најкраток соодветен временски период“.[98] Комитетот за правата на детето при ОН, тело задолжено за следење на спроведувањето на Конвенцијата за правата на детето, утврдил дека притворањето деца врз основа на нивниот статус на мигранти секогаш претставува повреда на правата на детето и ги повика земјите „веднаш и целосно“ да го укинат притворот на деца врз таа основа.[99]
Притворањето деца заедно со возрасни, кои не се нивни роднини, исто така, претставува повреда на меѓународното право и стандарди.[100]
Во јуни 2015 година, и Комитетот против тортура на ОН ја искажа својата загриженост во врска со утврдувањето притвор за децата-мигранти без придружба во Македонија, вклучително и за држењето на децата во исти објекти со возрасните и за недоволните контакти меѓу назначените старатели и децата.[101] Комитетот против тортура ја повика Македонија да најде алтернативно сместување за децата без придружба за да обезбеди дека тие не се држат заедно со возрасните и за да обезбеди дека законските старатели редовно контактираат со децата и преземаат мерки за да обезбедат правна помош за нив.[102]
Правни обврски на Македонија
Меѓународното право за човекови права налага властите да обезбедат безбедни и хумани услови кога се држат лица во притвор. Меѓународниот пакт за граѓански и политички права (МПГПП), кој Македонија го има ратификувано, налага сите лица кои се лишени од слобода да бидат третирани со хуманост и со почитување на неприкосновеното достоинство на човекот (член 10).[103] МПГПП, Конвенцијата против тортура и Европската конвенција за човекови права забрануваат тортура и суров, нехуман или деградирачки третман, исто како и Конвенцијата за правата на детето.[104] Европскиот суд за човекови права утврдил дека пренатрупаноста во затворските ќелии и во притворските установи, недостигот на природна светлина и вентилација, недоволната храна, несоодветната медицинска нега или незадоволителните услови за хигиена и санација, недозволувањето секојдневно вежбање надвор и недостигот на душеци и кревети, сите заедно, за времетраењето на притворот претставуваат деградирачки третман.[105]
Специјалниот известувач за тортура при ОН заклучил дека комбинацијата на лишување од слобода и негирањето на основните права, како што се правото на храна, вода, здравствена нега, минимум простор, хигиена и приватност, „е еднаква на систематска практика на нехуман или деградирачки третман или казнување“.[106]
Меѓународните стандарди и толкувањата на специјалните тела од договорите на Обединетите нации што се однесуваат на третманот на затвореници или притворени мигранти укажуваат дека тие треба да имаат пристап до простории и средства потребни за исполнување на специфичните хигиенски потреби на жените, вклучително и хигиенски влошки за време на менструацијата и редовно снабдување со вода.[107]
Македонија е земја-кандидатка за членство во ЕУ и од неа се очекува постепено да ги хармонизира своите закони со оние на ЕУ, вклучително и оние во однос на притворот. Правото на ЕУ налага притворените баратели на азил да имаат пристап до отворен простор и да им се овозможи да комуницираат и да бидат посетени од UNHCR, невладините организации, правни советници и членови на семејството.[108]
Европскиот комитет за спречување тортура и нехуман или деградирачки третман или казнување утврдил дека пренатрупаноста, несоодветната здравствена нега, непристапноста до санитарни простории и простории за миење и недостигот на хигиенски предмети за жените може да претставуваат нехумани и деградирачки услови во притвор.[109] Европскиот комитет за спречување тортура го посетил центарот Гази Баба во октомври 2014 година и дискутирал за наодите со македонските функционери во март 2015 година. Извештајот на Комитетот не е објавен во времето кога се подготвува овој извештај.
Во јуни 2015 година, Комитетот против тортура при ОН ги искажа своите грижи во врска со притворањето мигранти во Гази Баба „каде што, според пријавите, условите во притворот се еднакви на нехуман и деградирачки третман, што претставува повреда на Конвенцијата, вклучително и пренатрупаност“.[110] Комитетот ја повикал Македонија „веднаш да преземе мерки за да стави крај на нехуманите и деградирачки услови на притворот во центарот во Гази Баба“.[111]
Во јули 2015 година, Комитетот за човекови права при ОН изјави загриженост поради „извештаите за лоши животни услови во [македонските] центри за притвор, вклучително и: висока стапка на пренатрупаност, безбедносни грижи и лоши санитарни и здравствени услови.“[112] Комитетот ја повика Македонија да ги подобри животните услови во притворските установи, со цел да постигне целосна сообразност со барањата од член 10. Исто така, таа треба да преземе мерки за намалување на пренатрупаноста, вклучително и преку користење алтернативи на притворот.[113]
III. Произволен притвор
Секој ден прашував: ’Зошто сум во затвор? Зошто сум овде? Дали сум жртва?‘ Тие [стражарите] ми рекоа: ’Ти не си во затвор. Ако сакаш, ќе те однесеме во вистински затвор‘… Јас не зборував со никого… Тие не ме прашаа ништо за Сирија или со кого сум. Никогаш не ми беа дадени никакви хартии, никакви документи.[114]
― Рашид, 34-годишен маж од Сирија
Систематскиот притвор на неодредено време во ужасните услови во Гази Баба, без каква било значајна можност за оспорување на притворот, претставува произволен притвор, што е спротивно на меѓународното право и драстично придонесува за менталното страдање на притворениците.
Македонскиот закон му дозволува на Министерството за внатрешни работи да ги држи во привремен притвор во Гази Баба мигрантите без документи кои не можат да бидат „присилно отстранети“ или оние чиј идентитет не може да се утврди.[115] Иако истиот закон експлицитно ги исклучува барателите на азил, во практиката, барателите на азил се притвораат во Гази Баба.[116] Според Саровски, управителот на центарот, 600 од вкупно 869 притворени лица во 2014 година поднеле барање за азил откако биле ставени во притвор.[117]
Македонските власти ја информираа Human Rights Watch дека мигрантите и барателите на азил се притворени со цел да се утврди нивниот идентитет и да се обезбеди нивната расположливост да сведочат во кривични постапки против лицата осомничени за криминални дела шверцување на мигранти. Саровски рече: „Ние ги сместуваме мигрантите во Гази Баба за да го утврдиме нивниот идентитет. Откако ги сместуваме, го контактираме судот. Обично, тие се повикуваат како сведоци за два месеца. Во случај постапката да трае подолго, тие остануваат подолго. Некои престојуваат овде повеќе од пет месеци“.[118]
Притворениците може да бидат задржани подолго откако ќе се појават на суд. Мухамед, 22-годишниот Сириец кој бил притворен во Гази Баба пет месеци, ни кажа дека тој сведочел пред суд еден месец откако бил притворен, но бил пуштен дури четири месеци подоцна.[119]
Маринко Кочовски, помошник директор на Секторот за гранични работи и миграција при Министерството за внатрешни работи, призна дека луѓето се држат во притвор дури и откако поднеле барање за азил: „Во случаи кога тие искажале намера да побараат азил, но судот ги бара како сведоци, ние ги задржуваме тука. Инаку, тешко ќе биде да се обезбедат овие луѓе како сведоци“.[120] Жарко Хаџи-Зафиров, адвокат, ѝ кажа на Human Rights Watch дека „јавниот обвинител или судијата има дискреционо право да одлучи кога тие ќе бидат ослободени“.[121] Претставникот на UNHCR и Аница Томшиќ Стојковска од канцеларијата на Народниот правобранител ја потврдија практиката за притворање луѓе, вклучително и баратели на азил, за да се обезбеди нивното сведочење пред суд во кривични постапки против шверцери.[122] Стојковска укажа дека притисокот од Народниот правобранител на РМ и невладината организација Легис врз Министерството за внатрешни работи, како и врз Јавното обвинителство, довел до чекори за забрзување на постапките и за ослободување многу лица во текот на јуни и јули 2015 година.[123]
Ниту еден од поранешните притвореници, кои Human Rights Watch ги интервјуираше, не беше свесен за чекорите што ги преземаат властите за утврдување или верификување на нивниот идентитет. Четиринаесет лица рекоа дека тие ги имале со себе нивните пасоши или други документи за лична идентификација кога биле притворени. Ваквите документи биле рутински конфискувани од притворениците, а при нивното ослободување не им биле секогаш враќани.
Формално, притворениците во Гази Баба можат да ја оспорат одлуката на Министерството за внатрешни работи со која им се одредува притвор.[124] Законот пропишува дека притворениците можат да ја обжалат одлуката во период од осум дена пред Државната комисија за одлучување во втор степен во однос на управна постапка и постапка за работни односи, која е административно тело и овозможува второстепена жалба.[125]
Сепак, во практиката, ниту еден поранешен притвореник, кој беше интервјуиран од Human Rights Watch, не добил копија од одлуката за одредување притвор ниту, пак, имал пристап до информации за неговите права или пристап до адвокат заради оспорување на неговиот притвор. Давуд, 22-годишен Сириец, кој поминал 55 дена во Гази Баба, рече дека и покрај злоставувањето што го искусил и посведочил и покрај ужасните услови во притворот, најлошата страна бил недостигот на информации и комуникација со надворешниот свет: „Тоа беше затвор, но уште полошо. Никој не дојде да нè посети. Ни адвокат. Ни толкувач. Секој ден ние чекавме кога ќе нè ослободат или кога ќе бидеме изнесени пред судија“.[126]
Седум поранешни притвореници им го покажаа на истражувачите на Human Rights Watch единствениот документ што го добиле од властите внатре во Гази Баба. Документот, на македонски јазик, е насловен „Потврда за привремено одземени предмети “ и вклучува датум, име на притвореникот и список на лични предмети кои биле конфискувани.
Алим, 24-годишен маж од Сирија, рече дека полициските службеници во Гази Баба ги тепале него и другите кога прашувале за нивниот притвор: „Тие ништо нè ни објаснија. Кога поставувавме прашања, нè тепаа, па затоа никој не прашуваше“.[127] Малаз, 24-годишен Сириец, исто така, рече дека стражарите станувале насилни кога притворениците барале објаснување за нивниот притвор: „Секогаш кога прашував ’зошто сум тука‘ или ’кога ќе излезам‘, тие ме тепаа“.[128]
Како последица на тоа, рече Малаз, единствените информации што ги добил биле од другите притвореници. Недостигот на информации од службени извори е влошен со ограничениот пристап на притворениците до адвокати. Ниту еден од интервјуираните поранешни притвореници не бил во можност да зборува со адвокат. Ламиа, 43-годишната Палестинка од Сирија, рече: „Тие ни кажаа, ако сакате адвокат, ќе ве вратиме назад во Грција или ќе треба да останете тука подолго“.[129]
Адвокатот Хаџи-Зафиров изјави за Human Rights Watch дека поднел неколку барања за посета на притворени лица, но тие не биле одобрени.[130]
Поранешните притвореници, исто така, рекоа дека имале ограничен пристап до телефони, не им било дозволено да комуницираат со нивните семејства и не им било дозволено да имаат посети. На пример, 27-годишниот маж од Сирија, Дахир, рече:
Мене не ми беше дозволено да го известам моето семејство каде сум. Обично, ги дававме броевите на нашите семејства на луѓето кои заминуваа од затворот за да се јават и да ги информираат нашите семејства за нашата локација и состојба.[131]
Некои, како Давуд, 22-годишниот Сириец, биле во можност да се јават само ако поткупат некој полицаец: „Јас платив 30 евра за една минута телефонски разговор со моето семејство“.[132]
Како што беше наведено погоре, на Human Rights Watch не ѝ беше дадено овластување за обиколка на Гази Баба и за разговор со притворениците. И на локалните невладини организации, како што е Хелсиншкиот комитет на Република Македонија, им било забрането да им приоѓаат на лицата кои се држени таму, и покрај официјалните барања што ги поднеле. Во мај 2015 година, хуманитарната невладина организација Легис добила овластување да донесе хигиенски производи и храна во Гази Баба откако поднела повеќе барања. Македонското здружение на млади правници, невладина организација која обезбедува бесплатна правна помош за барателите на азил, ѝ рече на Human Rights Watch дека и тие не можеле да ги посетат луѓето во Гази Баба. UNHCR и Црвениот крст во Скопје се единствените организации кои потврдија дека им било дозволено редовно да го посетуваат центарот во Гази Баба.
Кочовски од Министерството за внатрешни работи ги негираше овие наводи и рече дека притворениците имаат пристап до адвокати, но избираат да не го искористат тоа право: „Тие не сакаат адвокати. Повеќето луѓе се информирани: со или без адвокат, тие ќе бидат пуштени“.[133] Управителот на Гази Баба, Саровски, ѝ рече на Human Rights Watch дека на притворениците им е дозволено да примаат посети од адвокати, конзуларни претставништва и невладини организации.[134] Во писмото од јули 2015 година, Министерството за внатрешни работи нагласи дека притворениците во Гази Баба имаат право на посети од членови на семејството, пријатели и правни застапници, и можат да прават телефонски повици.[135]
Во писмото од јули 2015 година, адресирано до Human Rights Watch, Министерството за внатрешни работи аргументираше дека притворањето во Гази Баба не е произволно бидејќи се заснова на Законот за странци кој дозволува „сместување“ на странците кои не може да бидат присилно депортирани од земјата и на странците кои немаат валидни документи за патување.[136] Понатаму, во писмото се упатува на одредбите од Законот за странци кои го обврзуваат Министерството за внатрешни работи да издаде одлука за „привремено задржување“ и одредбите за правото на жалба.
Во писмата до Human Rights Watch од јули и август 2015 година, Министерството за внатрешни работи не упатува на мигрантите како на „притворени“, туку како на „сместени“.[137] Според UNHCR, и јавниот обвинител не смета дека мигрантите кои се задржани во Гази Баба се „притворени“, туку „сместени“ како оштетени страни во случаите против шверцерите.[138]
Министерството инсистираше дека луѓето задржани во Гази Баба „веднаш по нивниот прием […] се информираат за нивните права и обврски“ и дека овие права и обврски биле преведени на неколку јазици, вклучително и на арапски.[139] Понатаму, министерството рече дека за време на посетите од правните застапници, на располагање има толкувачи. Сепак, министерството призна дека постојат слабости поради недоволниот број расположливи преведувачи. Министерството ја информираше Human Rights Watch дека се обидува да најде решение за овој проблем.[140]
Правна обврска: слобода од произволен притвор
Политиката на Македонија за систематски, пролонгиран притвор на мигрантите и барателите на азил, без значајна можност за судска ревизија или правен лек, претставува произволен притвор кој е забранет со меѓународното право. Меѓународниот пакт за граѓански и политички права (МПГПП) забранува произволен притвор и пропишува дека никој не смее да биде лишен од слобода, освен кога постојат основи за тоа и во согласност со постапките пропишани со закон.[141] Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП) дозволува притвор за да се спречи неовластен влез во земјата и за целите на депортација или екстрадиција, но налага сите да бидат информирани за причината за притворот на јазик кој го разбираат и да имаат значаен пристап до оспорување на законитоста на притворот.[142]
Систематското притворање во Гази Баба заради обезбедување сведоци во кривични постапки против шверцери не е пропишано во националниот закон.
Освен тоа, Комитетот за човекови права при ОН задолжен за толкување и следење на сообразноста со МПГПП изјави дека „поимот ’произволност‘ не мора да биде изедначен само со терминот ’противзаконски‘, туку треба да се толкува пошироко за да вклучи елементи како што се несоодветност и неправда.[143] Работната група за произволен притвор при ОН смета дека продолжениот административен притвор на барателите на азил и мигрантите, без управна или судска ревизија или правен лек, претставува произволен притвор“.[144]
Human Rights Watch смета дека систематскиот притвор на барателите на азил и мигрантите во нехумани и деградирачки услови во Гази Баба, со цел да се обезбеди нивното присуство како сведоци во кривични постапки, не само што е незаконски туку е и диспропорционален и непотребен за целите на кривичен прогон на шверцерите.
Политиките за притвор во Македонија не соодветствуваат со ограничените околности во кои се дозволува притвор на барателите на азил. Насоките на UNHCR нагласуваат дека притворот на барателите на азил треба да биде само мерка во краен случај, која е оправдана со легитимна цел и се заснова на индивидуална проценка за нејзината неопходност.[145]
Произволниот притвор е спротивен и на законите на Европската унија со кои Македонија треба да се сообрази доколку сака да стане држава-членка на ЕУ. Мигрантите без документи може да се притворат до нивното враќање кога постои ризик од бегање или кога го попречуваат процесот на враќање; ваквиот притвор мора да биде за најкраток можен период и да подлежи на периодична ревизија, а властите мора да покажат ажурност.[146] Притворање на барателите на азил е дозволено само кога помалку присилните алтернативни мерки се покажале како неефективни и врз основа на индивидуална проценка.[147] Сите притвореници мора да ги добијат налозите за притвор во пишана форма и да имаат пристап до правни застапници и брза судска ревизија кога притворот е одреден од страна на административно тело.[148]
Во јуни 2015 година, Комитетот против тортура при ОН ја повика Македонија да обезбеди дека притворот се применува само во краен случај, кога „е утврден како строго неопходна мерка во секој индивидуален случај и за што е можно најкраток период, како и да обезбеди дека во законот се вградени алтернативи на притворот и тие се спроведуваат во практика“.[149] Понатаму, Комитетот ја повика Македонија да обезбеди дека барателите на азил, нередовните мигранти и бегалците нема да се задржуваат во притвор на неопределено време преку вградување задолжителни временски рокови за притворот и пристап до ефективни судски правни лекови за ревизија на неопходноста на притворот.[150] Како знак на сериозноста со која Комитетот му приоѓа на ова прашање, тој побара од Македонија да достави извештај за чекорите преземени за спроведување на овие препораки најдоцна до мај 2016 година.
Благодарност
Автор на овој извештај е Емина Черимович, истражувач од програмата за работни стипендии „Артур Конинг“ за Европа и Централна Азија. Во теренското истражување учествуваа Бил Фрелик, програмски директор за бегалци; Џудит Сандерленд, помошник директор за Европа и Централна Азија; Бенџамин Вард, помошник директор за Европа и Централна Азија; и Лидија Гал, истражувач за Европа и Централна Азија.
Извештајот го уреди Џудит Сандерленд, помошник директор за Европа и Централна Азија, а го рецензираа Бил Фрелик, програмски директор за бегалци; Бенџамин Вард, помошник директор за Европа и Централна Азија; Мајкл Гарсиа Боченек, виш советник за правата на децата; Хилари Марголис, истражувач за правата на жените; Џенет Валш, заменик директор за правата на жените; Аманда Класинг, виш истражувач за правата на жените; и Дидрик Лохман, помошник директор за здравствени и човекови права. Вероника Зенте Голдстон, директор за застапување за Европа и Централна Азија, го рецензираше извештајот и даде свој придонес во препораките.
Вишиот правен советник Ајслинг Рејди ја направи правната ревизија, а Том Портеус, заменик директор на програма, ја направи програмската ревизија. Анже Мочилник, соработник за Европа и Централна Азија, помогна во однос на уредувањето. Грејс Чои, директор за публикации; Кети Мил, специјалист за публикации; и Фицрој Хепкинс, административен директор, помогнаа во однос на продукцијата.
Изразуваме благодарност на Легис, Хелсиншкиот комитет на Република Македонија, Македонскиот Црвен крст, претставникот на UNHCR во Македонија и Народниот Правобранител на РМ за нивната помош во нашето истражување. Им се заблагодаруваме на Министерството за труд и социјална политика и на Министерството за внатрешни работи за времето што несебично го одвоија за продолжени и искрени дискусии во текот на нашата мисија, како и за обезбедувањето детални пишани одговори на последователните писма со прашања. На крај, сакаме да им се заблагодариме на бегалците, мигрантите и барателите на азил кои одвоија време за да ги споделат своите искуства со нас; ние ги поздравуваме нивната храброст и упорност во светло на нивните огромни неприлики и страдања.
Прилог 1: Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, писмо од 23 јули 2015 година
Почитувани,
Вооднос на наводите во врска со третманот на илегалните мигранти и барателите на азил во Р. Македонија, содржани во писмото на невладината органзиација HumanRigthsWatchод 01 јуни 2015 година, адресирано до Министерот за внатрешни работи Ве известуваме за следното:
1. Состојба во Прифатниот центар за странци
Во текот на месец јануари 2015 година, во Прифатниот центар за странци вкупно беа прифатени 447 лица, но во ниту еден момент, вклучувајќи го и периодот на посетата на делегацијата на HRW кон крајот на јануари 2015, бројот на лица кои истовремено престојувале во објектот не бил ни приближно до 400 лица, како што наводно информирал Црвен Крст. Овој податок е лесно проверлив бидејќи за сите новопримени лица во ПЦС редовно се известува Центарот за јавно здравје.
Секако, и бројот од 250 сместени лица предизвикуваше сериозни проблеми во функционирањето на Прифатниот центар за странци и влијаеше на условите за престој на лицата, ако се има во предвид дека во текот на целата 2011 година во него беа сместени само 211 лица, во 2012 – 460, во 2013- 584, а во 2014 – 896 лица.
Заради надминување на оваа состојба беа анализирани можностите за дислокација на Прифатниот центар за странци во објект со поголем капацитет. Во меѓувреме беше изнајдено привремено решение со кое се зголеми капацитетот и беа подобрени условите за сместување - Прифатниот центар за странци – Гази Баба доби на привремено користење уште една зграда која се наоѓа во кругот на Прифатниот центар за баратели на азил – Визбегово, кој е во надлежност на Министерството за транспорт и врски. Зградата е одвоена и обезбедена од останатите објекти на Прифатниот центар за баратели на азил (кој е од отворен тип) и во неа престојуваа исклучиво лица од ранлива категорија, со што капацитетот на Прифатниот центар за странци беше зголемен и до 100 лица а за оваа категорија на лица беа обезбедени подобри услови за престој.
Уште повеќе, воспоставена е секојдневна соработка на оперативно ниво со други Министерства и надлежни институции (Министерство за здравство, Министерство за транспорт и врски, Министерство за надворешни работи, Министерство за правда, Министерство за труд и социјална политика, Црвен Крст, итн.) и како резултат на тоа значително е намален бројот на лица кои престојуваат во Прифатниот центар за странци, постоечкиот објект редовно се одржува и е предмет на зајакнати здравствени и санитарни контроли, се обезбедува посебен режим на исхрана за време на муслиманските пости, итн.
Во моментов, во Прифатниот центар за странци престојуваат 8 лица од кои 3 се државјани на европски земји. Во последниот месец во Прифатниот центар не се врши прием на нови лица – илегални мигранти од кризните региони и интенцијата е ваквата пракса да продолжи и во иднина.
Во однос на наводите за „произволно притворање на лица во центарот„ Ве известуваме дека правниот статус и временскиот период на задржување на странски државјани во Прифатниот центар за странци се регулирани со Закон за странците и Правилник за странците (член 108, 109, 112 од Законот за странците). Согласно Член 108 став 2 од овој закон, Прифатниот центар за странци на Министерството за внатрешни работи се формира „За сместување на странци кои од кои било причини не е можно присилно да се отстранат од територијата на Република Македонија во рокот утврден во ставот 1 на овој член„. Согласно став 4 од истиот член „во Прифатниот центар може да се задржи и странец за кого е донесено Решение за протерување, а не поседува важечка и призната патна исправа„ додека согласно член 109 став 2 „Странецот за кого е донесено решение за протерување, а нема важечка и призната патна исправа ќе се задржи во Прифатниот центар до добивање на важечка и призната патна исправа од државата чиј државјанин е, односно до издавање на пасошот од членот 119 став 2 на овој закон„.
Понатаму, согласно член 108 став 3 „Министерството за внатрешни работи донесува решение за привремено задржување на странецот од ставот 2 на овој член во Прифатниот центар„, додека правото на жалба е регулирано со Член 108, став 5, 6 и 7[151]. Конечно, со член 109 став 1 е регулиран максималниот временски период во кој лице – странски државјанин може да биде задржано во Прифатниот центар за странци.[152] Иако Законот за странците предвидува странец да може да биде задржан во Прифатниот центар за странци и до 12 месеци, во пракса не се забележени такви случаи. Дури и случаите на задржување лица повеќе од 5 месеци (кои реално ги имало) се повеќе исклучоци отколку како пракса.
Во однос на наводите за физичко, сексуално, родово насилство итн., Ве известуваме дека надлежните органи редовно постапуваат не само по конкретни поплаки и пријави, туку и сознанијата добиени од медиуми, социјални мрежи, по „допрен глас„ и слично. Во најголем дел сознанијата се премногу општи, без основни информации а во голем број случаи и контрадикторни. Проверките кои се вршат вклучуваат и интервјуа со сместените лица, вработениот персонал, проверки на внатрешниот видео надзор, итн.
Покрај наведените мерки, Прифатниот центар е цел на редовни посети од многу домашни и меѓународни организации чии претставници имаа можност да разговараат со задржаните лица без присуство на полициски службеници, во установата има секојдневно присуство на лекари ангажирани од страна на Црвен Крст а со поддршка на UNHCR (едниот лекар е со сириско потекло) кои прегледите на лицата ги вршат исто така без присуство на полициски службеници, па сметаме дека шансите евентуалните случаи на насилство да останат нерегистрирани се минимални.
Условите и постапката за добивање на право на азил на странец или лице без државјанство, како и условите според кои Р. Македонија може да даде привремена заштита се регулирани со Законот за азил и привремена заштита. Овој Закон предвидува право на заштита на категориите „признаен бегалец„ (бегалец по Концвенцијата за статусот на бегалците од 1951 година и Протоколот за статусот на бегалците од 1967 година) и „лице под субсидијарна заштита„.
Во однос на процедуралната заштита, согласно Член 108 од Законот за странците, против решението за задржување во Прифатниот центар странецот има право на жалба во рок од осум дена од денот на приемот на решението до надлежната комисија на Владата на Република Македонија, додека против решението на надлежната комисија на Владата може да се поведе управен спор пред надлежен суд, согласно со Законот за управните спорови.
Веднаш по приемот во Прифатниот центар, странецот се запознава со неговите права и обврски, содржани во Правилникот за куќниот ред на Прифатниот центар за странци. За неговото задржување веднаш се известуваат Министерството за надворешни работи (заради натамошно известување на матичната држава), Центарот за јавно здравје, а во случаи кога се работи за непридружуван малолетник и Министерството за труд и социјална политика и Центарот за социјални работи, заради итно назначување на старател.Задржаните лица имаат право на посети, телефонски разговори и право да примаат пакети и парични средства, под услови регулирани со Правилникот за куќниот ред на прифатниот центар за странци.
Со Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за куќниот ред на прифатниот центар за странци од 21.05.2013, правото на посета наместо дотогашните 30 е зголемено на 60 минути со можност да траат и подолго. Покрај посети од страна на членови на семејства и пријатели, лицата задржани во ПЦС имаат право и на посета од страна на нивни правни застапници, а чести се и посетите од страна на претставници на странските амбасади во Р. Македонија, канцеларијата на Народниот правобранител, меѓународни и домашни невладини организации, итн. Само од 01 јануари 2015 до денес, Прифатниот центар за странци го посетија делегации на IOM, UNHCR, UNICEF, Лекари без граници, OSCE, Делегација на ЕК во Р. Македонија, Народниот правобранител, претставници на Комитетот против тортура на Советот на Европа.
Што се однесува до медицинската нега и заштитата на јавното здравје истата се обезбедува во соработка со други надлежни државни органи (Министерство за здравство) и со други организации (Црвен Крст на град Скопје, UNHCR). Имено, пакетот на услуги, вклучувајќи ги и медицинските, кои Црвен Крст на град Скопје го обезбедува за потребите на лицата сместени во Прифатниот центар за странци е дефиниран со Меморандум за разбирање помеѓу Министерството за внатрешни работи на Р. Македонија и Црвен Крст на град Скопје. Благодарение на оваа соработка и со поддршка на Претставништвото на UNHCR Скопје, за потребите на Прифатниот центар се ангажирани двајца лекари, со што во Прифатниот центар за странци е обезбедено присуство на медицинско лице 7 дена во неделата. Ангажираните лекари имаат посебна просторија во објектот на Прифатниот центар во која полициските службеници немаат пристап. Примарната здравствена заштита е во целост во надлежност на медицинските лица, кои имаат исклучиво право да одлучуваат кои лица и кога треба да се упатат на клинички испитувања во специјализирани медицински установи. Секундарната и терцијална здравствена заштита се обезбедува во медицински установи и е достапна за сите лица сместени во Прифатниот центар за странци. Сите трошоци за клинички испитувања и болнички лекувања на илегалните мигранти до неодамна ги покриваше Министерството за внатрешни работи, а со одлука на Владата на Р. Македонија од 28.04.2015 година Министерството за здравство е задолжено да не наплатува за услугите за извршени интервенции поврзани со здравјето на мигрантите.
За одржување на чистотата во објектот е задолжена приватна компанија, а епидемиолошката и имунолошка заштита се реализираат во соработка со јавните здравствени установи.
Правата и обврските на задржаните лица се преведени на повеќе јазици, меѓу кои и на арапски, еден од лекарите ангажирани во Прифатниот центар е со сириско потекло, а при посетите на правните застапници дозволено е и присуство на преведувачи. Сепак, ова се само привремени решенија. Од причина што недостатокот на преведувачи е еден од проблемите со кој се среќаваат повеќе земји од регионот, се обидуваме преку регионален пристап да изнајдеме соодветно и долгорочно решение за овој недостаток.
2. Миграциска политика
Спречувањето и откривањето на илегалната миграција и трговијата со луѓе е една од целите на граничната контрола (Член 2 од Законот за гранична контрола). Целокупната процедура во однос на откривањето и натамошното постапување со странците кои незаконски оствариле влез или незаконски престојуваат во Р. Македонија е во согласност со важечкото национално законодавство, вклучувајќи го и задржувањето на странски државјани во Прифатниот центар за странци. Правната основа за нивно задржување е наведена во точка 1.
Целокупното законодавство кое се однесува на граничното работење (Закон за странците, Закон за гранична контрола, Законот за азил и привремена заштита и соодветните подзаконски акти) се во најголем дел синхронизирани со европското законодавство, а ЕУ новитетите континуирано се следат и се транспонираат во националната легислатива. При нивното изготвување, но и при практичната имплементација на нивните одредби земени се во предвид Конвенцијата за заштита на правата на човекот и основните слободи од 1950 година, Конвенцијата против мачење и други облици на сурово, нехумано и понижувачко постапување или казнување од 1984 година, Концвенцијата за статусот на бегалците од 1951 година и Протоколот за статусот на бегалците од 1967 година.
Во моментов, во завршна фаза е изготвувањето на нов Закон за странци, со кој меѓу другото ќе бидат имплементирани повеќе ЕУ Директиви, вклучувајќи ја и Директивата бр. 2008/115/ЕЗ на Европскиот Парламент и на Советот, која се однесува на примената на заеднички стандарди и постапки во земјите-членки за враќање на државјани на трета земја со нелегален престој. Меѓу другото, со овие измени максимално дозволеното време на задржување во Прифатниот центар за странци ќе биде намалено на 6 наместо сегашните 12 месеци.
Исто така, во тек е изготвувањето и на нов Закон за азил и привремена заштита кој ќе ги има предвид ЕУ Директивите 2011/95, 2013/32, 2013/33 и 2001/55.
Имајќи ги во предвид состојбите во регионот од кои илегалните мигранти најчесто доаѓаат, МВР на РМ: не презема мерки за нивно враќање во земјите на потекло, и не изрекува казна за прекршок предвидена со Член 153 од Законот за странците, иако за двете мерки има законска основа во националното законодавство.
Со цел намалување на ризикот по животот и здравјето на илегалните мигранти, нивно охрабрување да не ги користат железничките пруги и други ризични делници за движење пеш и наместо тоа да користат јавен транспорт, како и намалување на криумчарењето на мигранти од страна на криминални групи и поединци, беа преземени дополнителни мерки.
Имено, на 18 јуни 2015 година стапи во сила Законот за измени на Законот за азил и привремена заштита (Службен весник на РМ бр.101 од 18 јуни 2015) со кој на лицата кои незаконски влегле на територијата на РМ им се овозможува да искажат намера за поднесување на барање. Со ова, им се овозможува во период од 72 часа да поднесат барање за азил или да транзитираат низ РМ и се стекнуваат со право во овој период да го користат јавниот транспорт. Лицата се вакцинираат (на доброволна основа) и се избегнува потребата од нивно задржување во објекти од затворен тип.
Од стапувањето на сила до денес, правото да искажат намера за поднесување на барање за азил го искористиле преку 12000 странски државјани. Во истиот период значително е намален бројот на регистрирани случаи на криумчарење на мигранти, а несреќни случаи со смртни последици по илегалните мигранти нема.
Актот Ви го доставуваме заради Ваше запознавање и понатамошна постапка.
Со почит,
ПОМОШНИК НА МИНИСTЕРОТ
Иво КОТЕВСКИ
Прилог 2: Министерство за внатрешни работи на Република Македонија, писмо од 26 август 2015 година
Почитувани,
Во однос на дополнителните прашања Ве известуваме дека:
Во периодот од 01.01. до 03.06. 2015 година во Прифатниот центар за странци беа сместени вкупно 1003 лица.
До средината на месец јули 2015 година Прифатниот центар за странци во Гази Баба беше целосно испразнет.
Во меѓувреме, објектот на Прифатниот центар за странци во Гази Баба се реновира, и во соработка со партнерски организации планирано е да се преземат активности за збогатување на неговите содржини. Со оглед на моменталната и очекуваната бројна состојба како и категоријата на лица кои во иднина ќе престојуваат во него, исполнети се стандардите за сместување на лица.
Што се однесува до статусот на лицата од кризните регион, имајќи ги во предвид состојбите во регионот од кои илегалните мигранти најчесто доаѓаат, МВР на РМ: не презема мерки за нивно враќање во земјите на потекло, и не изрекува казна за прекршок предвидена со Член 153 од Законот за странците, иако за двете мерки има законска основа во националното законодавство.
Дополнително, а со цел намалување на ризикот по животот и здравјето на илегалните мигранти, нивно охрабрување да не ги користат железничките пруги и други ризични делници за движење пеш и наместо тоа да користат јавен транспорт, како и намалување на криумчарењето на мигранти од страна на криминални групи и поединци, беа преземени дополнителни мерки.
Имено, на 18 јуни 2015 година стапи во сила Законот за измени на Законот за азил и привремена заштита (Службен весник на РМ бр.101 од 18 јуни 2015) со кој на лицата кои незаконски влегле на територијата на РМ им се овозможува да искажат намера за поднесување на барање. Со ова, им се овозможува во период од 72 часа да поднесат барање за азил или да транзитираат низ РМ и се стекнуваат со право во овој период да го користат јавниот транспорт. Лицата се вакцинираат (на доброволна основа) и се избегнува потребата од нивно задржување во објекти од затворен тип, односно оваа категорија на лица не се задржува во Прифатниот центар за странци.
Во периодот од 19.06.2015 до 26.08.2015 годинаиздадени се потврди на вкупно 46.706 странски државјани, од кои, 32.307 се од машки пол, 6.393 се од женски, 7.259 се деца кои го придружуваат носителот на потврдата, како и уште 747 деца кои патуваат без родител, на кои им е издадена потврда за искажана намера за поднесување на барање за признавање на право на азил.
Во првата половина на 2015 година беа анализирани можностите за дислокација на Прифатниот центар за странци во објект со поголем капацитет и во таа насока беше извршено извидување на повеќе локации и постоечки објекти кои би биле соодветни за оваа намена. Избрана е конкретна локација, односно објект во Куманово, кој со соодветна адаптација ќе овозможи двојно поголем капацитет од сегашниот.
Објектот на Прифатниот центар за странци во Гази Баба се реновира, и во соработка со партнерски организации се преземаат активности за збогатување на неговите содржини. Со оглед на моменталната и очекуваната бројна состојба како и категоријата на лица кои во иднина ќе престојуваат во него, исполнети се стандардите за сместување на лица.
По претходно поднесени индивидуални барања за признавање на право на азил, лицата кои престојуваа во Прифатниот центар за странци беа упатени во Прифатниот центар за баратели на азил во Визбегово, кој е во надлежност на Министерството за труд и социјална политика. Објектот е од отворен тип, лицата имаат статус на баратели на азил и ги уживаат сите права предвидени за оваа категорија на лица, меѓу кои и правото на слободно движење, односно ниту едно од нив не се „држи„ во центарот.
Во Прифатниот центар за баратели на азил во Визбегово не престојуваат илегални мигранти, туку само лица од категоријата баратели на азил.
Објектот (зградата) кој привремено беше отстапен на користење на Прифатниот центар за странци – Гази Баба заради зголемување на капацитетот и подобрување на условите за сместување на лицата (мигрантите) од ранлива категорија повеќе не се користи за таа намена бидејќи нема потреба од тоа.
Во врска со Вашето прашање во кое барате да Ви доставиме информации за тоа дали и колку постапки биле поведени против полициски службеници вработени во Транзитниот центар за странци во Гази Баба за изминатите 12 месеци, Ве известуваме дека Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди изрече задолжителни мерки поведување Предлог за дисциплинска постапка против вкупно пет полициски службеници, а истовремено за еден полициски службеник покрај дисциплинската постапка изречена е и мерка отстранување од работното место (суспендирање).